Музичкото дуо ,,Некст Тајм” вчера во Кино Милениум ја промовираше обработката на народната песна ,,Кога падна на Пирина” која го слави делото на револуционерот Јане Сандански.
Се работи за песна која е дело на композиторот Венко Темеќаров и која настанала во 1960-те години, а истата во минатото ја имаат препеано и Васка Илиева, Гоце Арнаудов и други.
-Со Гордост ви го претставуваме нашиот најнов видео запис!
Веруваме дека Македонскиот дух ќе живее вечно преку оваа песна.
Веруваме дека ќе ве направиме горди!- порачаа од ,,Некст Тајм”.
Аранжманот на песната е на Никола Мицевски, а режисер на видео записот е Огнен Шапковски.
Мартин Филиповски од дуото се јавува и како асистент на режија и продуцент на песната.
На почетокот на годината дуото информираше дека наскоро ќе биде комплетиран нивниот нов албум со преработки на стари македонски песни.
Го започнале во 2014 година, кога ја објавија обработката на песната ,,Ја излези Ѓурѓо”, а потоа следуваа ,,Слушам кај шумат шумите”, ,,Нешто ќе те питам бабо” и ,,Јовка Кумановка”.
,,Некст Тајм” го сочинуваат браќата близнаци Мартин и Стефан Филиповски. Тие се појавија на сцената во 2008 година, и истата година го објавија својот прв албум, составен од новокомпонирани рок песни. По шест години на македонската рок сцена, се префрлија на снимање на обработки на стари, народни песни.
Вики Клинчарова