Популарното музичко дуо ,,Некст тајм” го најави својот бесплатен концерт кој ќе се одржи на втори август, по повод празникот Илинден, во познат ноќен клуб во Струмица.
Како што информираат музичарите, влезот ќе биде слободен за сите посетители, и ја канат публиката да присуствува на концертот на кој ќе се пеат најубавите македонски песни, по повод големиот празник.
Инаку, дуото е составено од двајцата браќа – близнаци Стефан и Мартин Филиповски. На сцената се појавија во 2008 година, со песната ,,Не верувам во тебе” и за кратко време станаа доста популарни помеѓу младата публика.
Истата година го објавија и својот прв албум, а в 2009 година ја претставуваа Македонија на Евровизија во Москва. Ја започнаа кариерата како рок-поп музичари, но во изминатите десет години се актуелни со своите обработки на стари македонски патриотски песни.
В.К.