Некому колачи, некому бајат леб и надеж дека во 2019-та година нештата ќе бидат подобри

by Fokus

Ако во светот постои практика за време на големите верски празници да се посвети внимание на солидарноста и да се продаваат производи со намалени цени, па дури и да се донира храна на сиромашните, кај нас традиционално, во пресрет на празниците се забележува скок на цените на храната.

Прв на удар на бранот на празнични поскапувања секогаш е зеленчукот. Така на пример, ако краставиците до пред неколку дена се продаваа по цени од 80, па и 70 денари, денес, пред дочекот на Новата година, истите се нудат по цени од 90, 100, па дури и 120 денари за килограм.

Ист е случајот и со доматите, кои од 70 стигнаа исто така до 120 денари за килограм, но и за многу други намирници. Трговците на зелените пазарчиња, стандардно излегуваат со истото оправдание за значително покачените цени пред празникот

– Од оранжериите ни ги носат производите со повисоки цени, па затоа и ние мораме да ги поскапеме.

По празниците, пак ќе се вратат цените на старо. Уште еднаш, наместо празниците да ја пренесат пораката за зближување, пружање на материјална и морална помош, но и да се издигнат над себичноста и можноста за брза заработка, ни ја покажаа жалната слика, дека кај нас останува практиката да се искористи секоја можност за заработка.

Истото се случува и за Прочка, Велигден, Божиќ. Изразената човечка лакомост за време на верските празници повторно ја испрати пораката дека дури и во овој празничен период социјалните разлики буквално „вриштат”, а новогодишните трпези се уште еден доказ за нееднаквоста помеѓу граѓаните. Некому колачи, некому бајат леб и надеж дека во Новата 2019 – та нештата ќе бидат подобри.

Вики Клинчарова

Поврзани новости