Неколкумесечен хаос на Детската клиника: Чудни вработувања за кои се трошат буџетски пари, починато бебе, нарушени меѓучовечки односи, местенки на медицински сестри

Во последниот период, атмосферата меѓу лекарите и медицинскиот персонал  е напната и тензична, особено откако на директорското столче седна доктор Реџеп Мемеди, која доаѓа од редовите на ВРЕДИ, поточно од Алтернатива, а цела клиника се крена на нозе откако беше најавено негово преземање на директорската позиција. Сепак, тоа што е актуелно во последните две недели е преземањето на М.М. од Институтот за медицина на трудот, која според документот, со кој што располага „Фокус“ на 30 септември, годинава актуелниот директор потпишал дека се обезбедени пари за да почне да работи на клиниката, но никој нема објаснување која е причината за ваквата одлука и дали има потреба од нејзиното работно место, за кое се трошат буџетски средства.

by Fokus

Години наназад, скопската Клиника за детски болести ја тресат разни скандали, а не стивнуваат реакциите за случувањата и по доаѓањето на новото раководство. Сето тоа се случува во болница, во која се лекуваат најтешкоболните деца. Клиниката врие од дечиња на кои им е потребна здравствена нега, добра организација и посветеност.

Во последниот период, атмосферата меѓу лекарите и медицинскиот персонал  е напната и тензична, особено откако на директорското столче седна доктор Реџеп Мемеди, која доаѓа од редовите на ВРЕДИ, поточно од Алтернатива, а цела клиника се крена на нозе откако беше најавено негово преземање на директорската позиција.

„Фокус“ уште оттогаш ја следи состојбата на клиниката, за што ги пренесовме и негативните реакции на вработените, кои не го криеја своето разочарување од новиот кадар, кој ќе управува со клиниката.

Тензична атмосфера на скопската Детска клиника, лекари се закануваат дека ќе си одат ако Реџеп Мемеди стане директор

Сепак, тоа што е актуелно во последните две недели е преземањето на М.М. од Институтот за медицина на трудот, која според документот, со кој што располага „Фокус“ на 30 септември, годинава актуелниот директор потпишал дека се обезбедени пари за да почне да работи на клиниката, но никој нема објаснување која е причината за ваквата одлука и дали има потреба од нејзиното работно место, за кое се трошат буџетски средства.

„ЈЗУ Клиника за Детски болести изјавува дека во врска со преземањето работникот М.М. на работно место Раководител на одделение за материјанлно-финансиско работење од ЈЗУ – Институт за медицина на трудот на РСМ во ЈЗУ Клиника за детски болести -Скопје има обезбедено финансиски средства за 2024 година“ – изјава, потпишана од Мемеди.

„Фокус“ на ова тема испрати и неколку прашања до актуелниот директор, поточно го прашавме да ни каже која е причината за преземањето на М.М.од Институтот за медицина на трудот, дали ќе работи на исто работно место, како што работела досега и колкава плата ќе зема, со оглед на тоа што самиот прв човек на клиниката во потпишната изјава објаснува дека за неа се обезбедени финансиски средства за 2024 година. Сепак,  до објавувањето на текстот, од таму не добивме повратни одговори.

СЛУЧАЈОТ СО НАМЕСТЕНАТА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА ЗАВРШИ ВО АРХИВИТЕ НА БОЛНИЦАТА

Факт е дека од болницата досега излегле многу деца, чиј живот бил спасен, но факт е и тоа дека многу лекари специјалисти и професори низ текот на годините ја напуштија Детската клиника и заминаа во приватните болници, поточно повеќето отидоа во болницата на бизнисменот Орце Камчев, кој отвори приватна педијатрија во „Аџибадем Систина“.

Огромните суми што им ги нуди, како и нарушените меѓучовечки односи се главните причини врвните стручњаци да ги спакуваат куферите и да заминат од болницата, во која оставиле повеќе од 25 години и каде што ја граделе својата долгогодишна кариера.

Не поминува период без во болницата да „пукне“ некој скандал, па едно од последните случувања што го достигна врвот беше местенката на медицинската сестра, која наводно претепала тримесечно бебе затоа што мајката не зборувала на македонски јазик.

(АРХИВА) Зошто медицинска сестра беше ставена на клада со наместен случај, кој ги зовре и меѓуетничките страсти!?

Откако веќе неколку дена, оваа приказна ги тресеше сите медиуми, сопругот на обвинетата медицинска сестра се појавил на врата кај директорот на Детска клиника и најавил тужба за сите стресови што ѝ се причинети на неговата сопруга, која е лажно обвинета за малтретирање тримесечно бебе, дознава „Фокус“.

Токму од тука веќе работите се менуваат, па директорот Мемеди наеднаш се стави во улога на главен медијатор за помирување. Тој ја призна својата грешка пред целата јавност, но сега кој ќе одговара за стресовите што ѝ ги предизвикаа на медицинската сестра? И конечно, кој ќе одговара за тоа што меѓуетничките тензии се подигнаа со еден наместен случај, кој се затвора како обично недоразбирање?

Како и секогаш, секое чудо за три дена, па и овој случај остана затворен во архивите на скопската Детска клиника.

КЛИНИКАТА НЕМА ЕКОНОМСКИ ДИРЕКТОР, НО ЗАТОА ИМА КОНСУЛТАНТ

ВМРО-ДПМНЕ веднаш по селењето на Илинденска екпресно донесоа одлука да бидат разрешени сите економски директори на клиниките, за кои во последните 18 години се трошат околу 2 милиони евра на годишно ниво само за плати. Тие ги дотуркаа и јавните здравствени установи до долгови од вртоглави 100 милиони евра.

Веднаш по седнувањето на Арбен Таравари на министерското столче во секторот здравство беа разрешени осум директори, кои фигурираа како вршители на должност. Сепак, останаа уште 40 раководни позиции за сите оние кои имаа менаџерски договори, но на собраниска седница на 13 август, годинава беа усвоени Измените во Законот за здравствена заштита, со кои се укинуваат и овие позиции.

Само две недели претходно, поточно на 1 август, 2024 година„Фокус“ објави дека на Клиниката за детски болести, директорот Мемеди измислува ново работно место консултант за да може да го врати својот братучед Аљајадин Мемеди, кој претходно беше економски директор на клиниката и беше разрешен поради наводни злоупотреби констатирани во извештајот на ДЗР.

(АРХИВА) Директорот на Детска клиника го враќа на работа братучедот како консултант, кој претходно е разрешен и тужен од болницата!

Министерот за здравство Таравари во неколку наварати истакна дека не гледа проблем во тоа што првиот човек на Детска клиника го вработил својот братучед за консултант. Па, оттука останува отворено прашањето – зошто тогаш беше разрешен економскиот директор, ако се трошат пари за консултант!?

КОЈ ЌЕ ОДГОВАРА ЗА ПОЧИНАТОТО БЕБЕ НА КЛИНИКАТА?

Последниот скандал, кој ја тресе клиниката е починувањето на 14-месечното бебе, за кое објави Слободен печат,  кое неколку пати било вратено, убедувајќи ги родителите дека треба да се лекува дома. Состојбата на бебето се влошила, па од болницата Козле, каде што го хоспитализирале го префрлиле на Интензивна нега на Детска клиника, каде за кратко починало.

Дури и првиот човек во секторот здравство потврди дека сега починатото бебе било одбивано за хоспитализација. Тој рече дека е запознаен со деталите за случајот, но не сакаше да ги коментира причините за одбивањето.

Таравари додаде дека ги чека информациите од комисијата која во текот на денешниот ден ќе ги истражи двете клиники каде 14-месечното бебе било лекувано – Детскатаа клиника и „Козле“.

Министерот вчера нагласи дека ќе има одговорност каков и да е исходот од истрагата.

„Дали поради лекарска грешка или незнаење треба да се констатира. Дефинитивно треба да има одговорност. Меѓутоа не очекувајте од мене уште од денес да судам како било. Дозволете соодветните органи во државата да испитаат се во детали.

 

На крајот некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи во здравствениот систем“, изјави Таравари.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

 

 

 

Поврзани новости