Неколку украински амбасади, вклучително и Амбасадата во Загреб добиле „крвави пакети“ со животински очи, соопшти денеска украинското Министерство за надворешни работи.
Пакетите, натопени во течност со карактеристична боја и мирис, се испратени до украинските амбасади во Унгарија, Холандија, Полска, Хрватска и Италија, генералните конзулати во Неапол и Краков и конзулатот во Брно, објави на Фејсбук портпаролот на украинското МНР, Олег Николенко.
Инцидент уследи по серијата писма-бомби испратени на различни адреси во Шпанија, вклучувајќи ја и Амбасадата на Украина во Мадрид.
Николенко посочи и дека е вандализиран влезот на резиденцијата на амбасадорот во Ватикан, а имале и дојава за пакет бомби во Амбасадата во Казахстан, што подоцна се испоставило дека е лажна.