Во текот на вчерашниот ден Центарот за управување со кризи детектирал појава на пожари од искрење на електрични жици и затоа повторно ќе поднесат барање до ЕВН да изврши контрола врз затегнатоста на жиците.
Директорот на ЦУК, Стојначе Ангелов, вели дека иако во моментов немаат докази за да ги поткрепат тврдењата дека пожарите се предизвикани намерно, додава дека МВР работи на терен и очекува увидните екипи да излезат со конкретни податоци.
-Во период од три часа имавме појава на дваесетина тешки пожари врз кои едноставно поради силниот ветер не можевме брзо да воспоставиме контрола. Ваквите пожари предизвикаа голема опасност по селата и населението, а за жал имаме и едно починато лице – рече Ангелов.
Тој апелираше до сите граѓани кои имаат викендици или куќи во полунапуштени или напуштени села да изработат мек појас за да се спречи евентуално ширење на пожарите, а сточарите и земјоделците да прекинат со палење на стрништа и пасишта оти тоа може да биде „обид за убиство“.
Во пожарите кои вчера го зафатија Кумановскиот и Светиниколскиот регион опожарени се околу 40 куќи – дел нови, а дел стари во селата Малино, Немањици и Орел, изјави градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев.
Во моментов активни пожари има на територија на општина Македонски Брод кај селата Тажево и Брезница, кракот кон НП „Јасен“.
Активен е пожарот и на територија на Кочани во селото Главовица, кој изби вчера околу пладне. Активен пожарот има кај Прилеп во селото Радобил, а на територија на Прилеп има уште еден пожар кај селото Дабница кој изби во текот на вчерашните попладневни часови.
На територија на Свети Николе активен е пожарот кај селото Орел и Немањици, каде што дејствуваат три „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Активен е и пожарот над селото Ерџелија и селото Мустафино. Исто така, и на овој пожар ќе дејствуваат три „ертрактори“.