Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи вели дека Буџетот е во одлична кондиција и оти ќе нема потреба од поголемо задолжување до крајот на годинава.
-Последните податоци се навистина одлични од аспект на приходи во Буџетот, во сите ставки имаме зголемување, ако се направат споредби со истиот период во 2019 година, а да не споредуваме со 2020 година, кога имавме криза. Еве во делот на придонеси, каде некои велат дека е лошо, ние во Владата велиме има подобрување, има зголемување од 400 милиони денари, во споредба со 2020 и 2019 година и некаде зголемување од околу 7 проценти. Во делот на Данокот на додадена вредност, зголемувањето е за околу 1,5 милијарди денари или околу 250 милиони евра, рече Битиќи во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.
Овие параметри, потенцираше, ни покажуваат дека кондицијата на Буџетот е добра, не се потребни големи задолжувања, освен она што е планирано со среднорочниот план за задолжување, а кој треба да одговори на потребите за развој. Интервентниот план за инвестиции ни даде проекција дека во нашата држава на среден рок ќе се вбризгаат инвестиции, приватни и јавни, од околу 8,2 милијарди евра, за да се подобрат состојбите во различни сектори.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека задолжувањата во периодот на коронакризата, а кои изнесуваат околу 10 проценти од БДП, се направени исклучиво за да се одговори на предизвиците со кои се соочија стопанството и граѓаните. Сите средства од Буџетот, посочува, се транспарентно прикажани и се знае каде завршил секој денар, независно дали е од задолжувања или од други приходи.
Задолжувањата во ковидкризата, наведе Битиќи, ни помогнаа да го намалиме дефицитот во Буџетот, со оглед на тоа што поради Ковид-19, дефинитивно се намалија приходите во Буџетот, а беше потребно да се сервисираат сите услуги и трошоци кои се преземени како обврски на државата.