Некои родендени едноставно не се исти!

by fokus

За тебе уште ги чуваме песните, и некои работи за кои ќе раскажуваме низ музика. Некои родендени едноставно не се исти, мој пријателе – порача црногорскиот поп пејач Бојан Маровиќ, објавувајќи заедничка фотографија со Тоше Проески, направена само единаесет дена пред неговата смрт, за време на концертот на Градски стадион во Скопје.

Тогаш Маровиќ му беше музички гостин на Проески и заедно ја отпеаа ,,Тајно моја”. Неговата објава е по повод денешниот роденден на Тоше.

За нивното пријателство и за тоа колку силно го погоди смртта на Тоше, Бојан често пати раскажуваше.

Во интервју за ,,Фокус” од пред четири години, тој раскажа дека песната ,,Чија си” на Тоше, со која тој во април 2003 година настапи на фестивалот ,,Беовизија” и го освои првото место, а која потоа стана хит во регионот, првично била наменета за него.
Авторката на популарниот рефрен, Леонтина Вукмановиќ ја напишала за Маровиќ, но по игра на случајноста, песната завршила кај Проески.

-Песната отиде кај вистинскиот човек и не ми е жал. Некогаш животот прави свои компромиси. Едноставно, Бог го направил тоа да биде баш така, како што треба –изјави музичарот.


Потоа, на концерт кој се одржа во ВИП Арена во Скопје, во 2018 година, во чест на Тоше, Бојан ја отпеа ,,Полско цвеќе” пред многубројната публика. Додека пееше, го совладаа емоциите и тој со солзи во очите падна на колена.

Вики Клинчарова

Поврзани новости