Нека го посетат надлежните Јане во прилепската болница, па нека кажат дали не е потребно лекување во странство, вели таткото на момчето кое две децении е во кома

by Fokus

Две децении трае нашата агонија, а истовремено и борба за син ми Јане Пирганоски (37), и се изморив од манипулациите на надлежните институции. Барам случајот да биде итно разгледан и син ми да биде упатен на лекување во Загреб, во клиничкиот центар Дубрава, од каде добив ветувачки прогнози. Сумата која е потребна изнесува околу 23.000 евра, доставив профактура до ЈЗУ Клиника за неврохирургија, се обратив и до поранешниот премиер Димитар Ковачевски, но случајот се уште стои во место, а син ми тивко венее во прилепската болница- за „Фокус“ раскажува прилепчанецот Љупчо Пирганоски.

Неговата потресна приказна се објави во минатиот број на неделникот „Фокус“. Тој појаснува дека син му веќе 20 години е во будна кома, хоспитализиран околу 16 години во прилепската болница, каде реално ниту има обучен кадар за вакви случаи, ниту пак се работи на подобрување на неговата состојба. Вели дека таму единствено го одржуваат во живот, хранејќи го, а неговите долгогодишни обиди да го однесе синот во странство, на клиника каде има услови за лекување и рехабилитација на лица со будна кома, цели две децении биле безуспешни.

Раскажа дека со години наназад се обраќа до институциите во земјава, нема министер за здравство во изминатите 20 години на кого не му пишал за состојбата на Јане, ги контактирал премиерите, врвните политичари кои во годините доаѓале и заминувале од функција, но конкретно, ништо не се превзело.

„Фокус“ се обрати и до Фондот за здравство поради случајот со Јане, но од ФЗОМ одговорија дека до нив не била доставена документација за лекување во странство. Според нивниот одговор, доколку Јане има потреба од лекување во странство, постапката започнувала со издавање предлог за упатување на лекување во странство (конзилијарно мислење), од надлежната Универзитетска клиника во Скопје.

Токму овој одговор, за Љупчо е уште една манипулација на која наишол. Како што појаснува, тој уште лани во март се обратил до скопската Клиника за неврохирургија, од каде му одговориле дека за Јане е потребно доиследување, а според правилникот на ФЗОРСМ не следувал предлог за доиследување во странство.
Од Неврохирургија во повратниот одговор наведуваат дека случајот пак би бил разгледан, со документација од странската установа за можноста за поставување на ДБС како и оправданоста од поставување на истиот во конкретниот случај според медицина базирана на докази.

-Поради овој одговор се обратив и до Кабинетот на поранешниот премиер Димитар Ковачевски, од каде лани во септември ми одговорија дека писмено се обратиле до Неврохирургија, која е надлежна за издавање на конзилијарно мислење, да ги разгледа можностите за предложеното лекување на Јане.
Во писмото од владиниот кабинет, адресирано до Неврохирургија, јасно пишува дека треба да се преземат сите дејствија во нивна надлежност, и во рок од седум дена од постапувањето да ми се одговори, а и да се достави копија од одговорот до Канцеларијата на претседателот на Владата. Ова писмо датира од 20-ти септември 2023 година, одговор се уште нема!

Значи, поради овој лавиринт на институциите, ние не можеме да си ги оствариме правата! Многу е лесно да се каже дека не била доставена документација за лекување во странство до Фондот, но зошто е тоа така? Нека се соберат сите вклучени во оваа приказна, сите надлежни фактори, па нека се договорат што да изјават и зошто ние се уште чекаме!
Исто така, нека дојдат и во прилепската болница каде лежи Јане, да го видат, да проценат дали таму има услови за негово лекување и рехабилитација. Не е потребно да си медицинско лице, и на најголемиот лаик ќе му биде јасно дека на Јане местото не му е таму!

Нехумано е за вакви случаи на будна кома, за кои знам дека ги има неколку во Македонија, иако се нема кома центар и соодветна институција, да не се праќаат во странски клиники! Поразително е што на родители на деца во ваква состојба најчесто им преостанува да си носат децата дома и таму да ги чуваат!-реагира таткото.

Како што раскажа во претходното интервју, настанот кој им ги променил животите се случил кога Јане имал 17 години, по пад од висина. Откако паднал, Јане станал, му било повредено рамото. Со другарите со кои бил излезен, претходно пиеле вотка, а поради болка во рамото му дале лекови Тромадол. Момчето паднало во кома, било реанимирано и препратено на КАРИЛ во Скопје. Таму поминал седум месеци, по што бил однесен во Свети Еразмо во Охрид, каде поминал околу три години. Од 2007 година е хоспитализиран во прилепската болница. Во 2015 година семејството доживеало уште една трагедија, кога починала мајката на Јане. Како што раскажа Љупчо, зад себе имал пет обиди да го однесе синот на лекување во странство, но државата била глува за неговите апели и обиди да му се помогне на Јане, кој две децении е во болнички кревет.

Вики Клинчарова

Поврзани новости