Бразилскиот фудбалер Нејмар изјави дека повторното обединување со неговите поранешни соиграчи од Барселона, Лионел Меси и Луис Суарез во Интер Мајами би било интересна можност и не ја отфрли можноста да се пресели во САД по завршувањето на договорот со Ал Хилал.
Некогаш еден од најдобрите фудбалери во светот, со Меси и Суарез, формираше убиствено трио „МСН“ кое на Барселона и донесе историска тројна круна пред неговиот рекорден трансфер од 222 милиони евра во Пари Сен Жермен во 2017 година.
„Секако дека повторното играње со Меси и Суарез би било неверојатно. Тие се мои пријатели, сè уште сме во контакт“, изјави Нејмар за „CNN2“.
„Би било интересно да се оживее оваа тројка. Среќен сум во Ал Хилал, среќен сум во Саудиска Арабија, но кој знае. Фудбалот е полн со изненадувања“ вели тој.
Откако се пресели во Саудиска Арабија Нејмар досега одигра само седум натпревари за Ал Хилал.
Саудискиот клуб му плати на ПСЖ во 2023 година 90 милиони евра за неговиот трансфер, но повредите го држеа надвор од теренот долго време.
Неговиот договор истекува во јуни годинава.
Во текот на неговите шест сезони во ПСЖ, Нејмар постигна 118 гола, но и покрај големиот успех на домашната сцена, тој не успеа повторно да ја освои Лигата на шампионите со францускиот клуб пред да се пресели во Саудиската Про лига.
„Кога се појави веста дека заминувам од Пари Сен Жермен, преодниот рок во САД веќе беше затворен, па ја немав таа опција (да се преселам во Мајами во 2023 година)“, додаде Нејмар.
„Проектот што ми го понудија (во Саудиска Арабија) беше многу добар, не само за мене туку и за моето семејство, така што одењето во Саудиска Арабија беше најдобрата опција“ рече Нејмар.
Нејмар е најдобар стрелец во историјата на Бразил со 79 гола, а напаѓачот изјави дека повторно ќе се бори за освојување на Светското првенство во 2026 година.
На шест кола пред крајот на јужноамериканските квалификации, каде директно се квалификуваат првите шест селекции, Бразил е на петтото место.