Кога Јордан Мијалков, министерот за внатрешни работи, за првпат ме слушна што зборувам на влада, гласно коментираше: „А бе овој ќе ја продаде Македонија!“ Му одговорив на смеење дека не сум подготвен да полемизирам со него затоа што секогаш носи пиштол, па неговиот „аргумент“ ќе биде посилен. Некое време подоцна, на само, ми вели: „Море сум слушнал јас за тебе. Си бил подобар и од Будимир Лончар“.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Значи, владата падна. Повод беше критиката упатена кон мене од страна на премиерот Кљусев и вицепремиерот Ристовски, индиректно кон претседателот Глигоров, но причината беше подлабока – незадоволството на партиите со својата улога во водењето на државата. Неопитниот во политиката, во домашната, а особено во надворешната, каков што беше Блаже Ристовски, зеде збор пред пратениците.
Генералниот впечаток што ми остана во меморијата е дека, упатувајќи комплименти кон мене како личност, но и критика кон моите настапи во надворешната политика, заклучи дека тие настапи може да бидат разбрани кај странците како отсуство на наша волја за самостојна држава. Меѓутоа, неговото критикување министер во владата, во која и самиот седеше, предизвика лавина реакции, која заврши со изгласување недоверба.
Имено, Ристовски само ја изостри острицата на критиките кон владата, но и кон себеси како потпретседател. Реагираше претставник на партијата на либералите на Стојан Андов, која, се сеќавам, беше најгласна во одбраната на, како што ќе напише во еден свој документ „надворешната политика на министерот Денко Малески“. Ристовски беше обвинет за предавство, а неговите комплименти упатени кон мене, за „Јудин бакнеж“.
РАЗГОВОРИТЕ СО ЈОРДАН МИЈАЛКОВ
Потоа почнаа критики од пратеници, кои доаѓаа од сите можни насоки. На Блаже Ристовски и на Никола Кљусев, никогаш не им се налутив на упатените критики. Нашите односи секогаш беа и останаа многу коректни и поради заемните симпатии што ги имавме едните кон другите како луѓе и поради моето разбирање за нивното непознавање на меѓународната политика. Зашто, во тие судбински времиња, наспроти неизбежниот политички ривалитет, такви симпатии се развиваа, безмалку, меѓу ситe нас во владата.
Да се седи во влада на Македонија во такви опасни и неизвесни времиња беше чин за почит што обединува луѓе со различни погледи, па и политички. Имаше секакви, па и комични ситуации на седниците на владата, кои прекинуваа во 8 навечер за да слушнеме вести од крвавите судири во федерацијата. Се случуваше навечер на масата со зелена чоја, да се сервираат огромни сендвичи полни со некаква скара за кои немаше уста доволно голема да ги загризе.
Така, кога Јордан Мијалков, министерот за внатрешни работи, за првпат ме слушна што зборувам на влада, гласно коментираше: „А бе овој ќе ја продаде Македонија!“ Му одговорив на смеење дека не сум подготвен да полемизирам со него затоа што секогаш носи пиштол, па неговиот „аргумент“ ќе биде посилен.
Некое време подоцна, на само, ми вели: „Море сум слушнал јас за тебе. Си бил подобар и од Будимир Лончар“. Потоа, во доверба ми ја кажува приказната за посетата на министерот за внатрешни работи на Југославија, генерал Петар Грачанин ако се сеќавам добро, во неговиот дом во Штип. Ми покажа заеднички слики од некаква гозба. „Му реков, вели, можеме да се договориме за сѐ, ама ако не нападнете, ќе има крв до колена!“.
Во една друга пригода ми раскажа дека во некаква расправија со висок офицер на ЈНА во Македонија вперил шмајзер во неговата глава. Како „роден дипломат“ ме плашеа можните последици по државата од вооружен инцидент, но како човек со разум, знаев дека е нужна една доза на закана кон тие од надвор што не ни мислеа добро.
Овој симпатичен, по струшки, „бамбашка“ човек, знаеше во текот на седницата да влезе во комични расправии со својот пријател Кљусев. Сум забележал: тече дискусија за некаков закон (за внатрешни?) Одеднаш,
Кљусев: Мијалков, каде е Мијалков?
Мијалков: Тука сум претседателе.
Кљусев: Пишувај бе, ќе нѐ напаѓаат, ќе видиш.
Мијалков: Сѐ е под контрола – се пишува.
Во друга околност, кога владата е информирана за повреда на македонскиот воздушен простор од грчки авиони, Кљусев му дава наредба на Мијалков да ги запре авионите! Шокот и жалењето за смртта на овој член на владата беа проследени со разни конспиративни теории за причините на неговата смрт во Србија, на пат кон Белград, кога, во кривина, неговиот автомобил излетал од патот.
СЕ ВРАТИВ ВО ВЛАДАТА, НО КАКО ЕКСПЕРТ
По падот на владата бев среќен да го симнам товарот на водењето на надворешната политика и да им го ставам на грбот на партиите. Се разбира, до изборот на новата влада, старата остана да ги врши редовните задачи. Петар Гошев, како мандатор ме посети во МНР, со понуда да останам во неговиот тим.
Бев одлучен да заминам и иако Гошев ги уживаше моите симпатии на реформатор на еднопартискиот систем во Македонија преку комисија во која членував, не му оставив никаков простор за сомневање во цврстината на мојата одлука. Значи, јас се подготвував да се вратам на Правниот факултет во Скопје.
Кога на шести август, Гошев објави дека не може да состави влада каква што сака тој, и кога Бранко Црвенковски стана мандатар, претседателот Глигоров почна да ме притиска да ја сменам одлуката. Ме убедуваше дека сум му потребен нему и на државата за новата Лондонска конференција на која ќе се крои судбината на Балканот, бараше да ја завршиме работата со меѓународното признавање на државата до членство во Обединетите наци, со еден збор, се повикуваше на нашата недовршена работа…
Не попуштав. На последната средба во неговиот кабинет, со солзи во очите, побара да го сторам тоа „за аманет“, на неговиот пријател, татко ми Владо. Попуштив. Но, тоа го условив со поддршка на сите партии во чие име би ја водел надворешната политика.
Меѓутоа, кога реков „на сите партии“, мислев буквално на сите, додека претседателот, очигледно мислел на сите партии во владејачката коалиција. Така се пропушти уште една ситуација, преку широка расправа, да се изгради сепартиски консензус, кој ни беше толку многу потребен за да можеме рационално да расудуваме за изборот на најмалото зло за Македонија во меѓународните односи.
Во отсуство на таков договор, дебатата за надворешната политика продолжи на линија на нерамноправната конфронтација на моето „најмало зло“ и нивното „најголемо добро“ за Македонија. Вината беше и моја, зашто згрозен од примитивизмот и екстремизмот во политиките на југословенските републики и во политиката на Македонија, стоев на страна, очекувајќи некој да ми го сервира консензусот „на тањир“.
Со овој ум денес, знам дека морав и самиот да поработам на тоа, но од друга страна, прашањето е и дали физички беше можно тоа да се издржи. И зошто да се сомневам во тоа што ми го рече претседателот Глигоров, на моето упорно инсистирање да се зборува со водачот на опозицијата Љубчо Георгиевски.
„Со часови сум му зборувал, ми вели Глигоров, ништо не разбира“. Па, нели илјадапати самиот сум се уверил во исправноста на тезата на Томлинсон дека „работите ги гледаме, не такви какви што се, туку какви што сме“.
Значи, за да ја продолжиме заедничката работа на признавањето на Македонија со претседателот Киро Глигоров, останав во владата на Црвенковски, но не како партиски кадар, туку како експерт.
(Продолжува)