Државниот испитен центар, (ДИЦ) ќе продолжи да штрајкува, оти немало договор на вчерашната средба во Владата помеѓу Синдикатот на ДИЦ и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, соопшти Синдикатот денеска на прес-конференција.
Тие бараат зголемување на платите. Државниот испитен центар е надлежен за спроведување на државна матура, државно тестирање, обука и испит за директори, приправнички испити, меѓународното тестирање ТИМС. Поради нивниот штрајк испитите се ставени во мирување.
Претседателката на синдикалната организација на 29-те вработени во ДИЦ, Емилија Бошковска, изјави дека на средбата во Владата им бил понуден К-15 што, како што тече им следува законси, а не го добиваат, и линеарно покачување од 2.000 денари што би добиле половина од вработените, иако тие барат различно покачување за различни позиции.
„Не можат да најдат решение за 30-ина луѓе кои работат многу напорно и на повеќе одговорности во исто време“, рече Бошковска.
Синдикатот се повлекува од јавни обраќања и рекоа дека одговорите на прашањата ќе треба да се бараат во надлежните институции, пред сѐ во Министерството за финансии.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на завчера рече дека државната матура ќе се полага на 27 мај мора да има. За да се реализира процесот, ако е потребно, ќе се вклучат, како што најави, и вработените од МОН.
Резултатите од овие тестирања им се потребни на матурантите да се запишат на факултет.
Во однос на изјавата на министерот, Бошковска вели дека поради тајноста на материјалите влезот во ДИЦ е забранет за надворешни лица, а во некои простории во Центарот не смеат да влегуваат ни сите вработени.
Од штрајкот на ДИЦ се засегнати 15. 620 матуранти кои се пријавени за 27 мај и на 10 јуни да ги полагаат двата екстерни испита.