Нехуманиот третман во психијатриските болници е спротивен на меѓународните конвенции – тврдат од Хелсиншки и МЗМП

by Fokus

По наводите за нехуманиот третман на 17-годишното момче со аутизам во Психијатриската болница во Демир Хисар, денеска реагираа од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници (МЗМП) од каде велат дека се згрозени од наводите.

Оттаму велат дека ќе поднесат претставка до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да го испита случајот во рамките на своите надлежности, а во следниот период ќе спроведат мониторинг посети во сите психијатриски установи во земјата.

Во реакцијата се вели дека овие наводи, кои излегоа во јавноста, ја покажува крајно загрижувачката состојба во психијатриските болници, особено кога се работи за насилство и несоодветно и нехумано постапување кон пациентите.

„Шокантни се сознанијата дека луѓето се изложени на крајно нехуман третман што е спротивно на сите меѓународни принципи и стандарди, закони и меѓународни конвенции“ – се вели во реакцијата од Хелсиншки комитет и МЗМП.

Оттаму велат дека нехуманото постапување и малтретирање на пациентите во болницата во Демир Хисар го има нотирано Европски комитет за спречување на тортура и нечовечки или понижувачко постапување или казнување (CPT) во извештајот за Република Северна Македонија:

„Комитетот мора да ја изрази својата сериозна загриженост за веродостојните наводи од пациенти на различни одделенија кои биле врзувани за кревет со метални синџири и катанци. Таква практика не е прифатлива и се смета за нечовечко и понижувачко постапување“.

Во реакцијата од Хелсиншки комитет и МЗМП се наведува дека и Народниот правобранител, во Извештајот за 2022 година, го потврдува нехуманото постапување.

„При посетата во една од работните простории на персоналот беа пронајдени кожени ремени за фиксација за коишто беше истакнато дека не се користат, како и метален синџир со катанче за заклучување на просториите кога има вознемирени пациенти. Во друга просторија беше забележан и цврст, дебел кабел за што вработените немаа одговор зошто е таму, ниту која му е намената. Имајќи предвид дека ваквите средства може да послужат за заплашување, малтретирање или друго несоодветно постапување спрема пациентите, тимот на Народниот правобранител истакна дека е потребно тие веднаш да се отстранат“ – се наведува наодот во реакцијата од Хелсиншки комитет и МЗМП.

Поврзани новости