Седма година по ред во Неготино нема организиран дочек на Новата година на плоштад, па поради тоа голем број на граѓани заминаа во Кавадарци за време на дочекот.
Таму, традиционално секоја година има организирана прослава, а годинава присутните ги забавуваа музичарите од „Екстра бенд плус“, и по полноќ имаше голем огномет.
Дури и кога се угостителските локали во прашање, поголемиот дел од младите неготинци ја дочекаа Новата година во кавадаречки кафулиња, бидејќи во Неготино за време на најлудата ноќ владееше вистинска штама.
Речиси сите локали немаа организиран дочек и беа затворени, а и во центарот на градот немаше забележителна празнична атмосфера. Украсувањето е скромно, и единствена празнчна слика даваат неколкуте приватни кафулиња кои самите се потрудиле и ги украсиле своите локали со светилки.
Последен пат во Неготино на плоштад организирано се дочека 2017 година. Тогаш градоначалник беше Ванчо Апостолов, а граѓаните ги забавуваше групата ,,Кристал”.
Годините пред тоа, настапи имаа повеќе познати музички имиња од земјава, но и од регионот, а на полноќ следуваше огномет.
Кога потоа на функцијата градоначалник дојде Тони Делков, уште првата година го откажа новогодишниот дочек, бидејќи општината била во лоша финансиска состојба.
Неговиот наследник, д-р Горан Стојанов ја продолжи традицијата да не се организира дочек на плоштад, па поради тоа граѓаните кои сакаат да слават на отворено, на плоштад, тоа го прават најчесто во Кавадарци.
Токму во Кавадарци, во Општата Болница, околу 20 минути по полноќ се роди и првото бебе, кое е неготинче, затоа што во Неготино околу 16 години не работи породилното одделение, па трудниците од градот и околните села се принудени со породилни болки да се возат до Кавадарци.
Нема најава дека во градот во блиска иднина повторно ќе профункционира Одделението за гинекологија и акушерство, па останува отворено прашањето дали во Неготино повторно ќе се раѓаат бебиња, или Кавадарци станува регионален центар, не само кога се во прашање здравствени услуги, туку дури и новогодишни забави.
Вики Клинчарова