Голем број на лозари од Неготино деновиве склучиле договор за продажба на своите лозја со фирма од земјава која планирала да гради фотоволтажни централи. Како што појаснуваат некои од лозарите за ,,Фокус”, тие веќе добиле капар за лозјата, и очекуваат наскоро да ја реализираат продажбата.
-Станува збор за лозја, повеќето од нив фондови, кои се протегаат на површина од околу 60-70 декари. Бевме контактирани од посредник на нова фирма, чии сопственици не се од Неготино, туку од други градови во земјава. Поради поволната местоположба и сончевите денови, интересот за изградба на фотоволтажни централи во овој дел од земјава, во близина на Криволак, најмногу им одговарал за проектот. Од лозје пари нема, па веќе добивме капар за лозјата – појаснува нашиот соговорник.
Лозарите кои добиле капар за своите лозја велат дека со посредникот се договориле да им го плати земјиштето, кое било фондово, по цена од 800 евра за декар. Иако се работи за долгогодишна земјоделска култура, сепак процениле дека е подобро да го продадат, отколку секоја година, во време на берба да живеат во неизвесност, дали ќе има откуп и по која цена ќе им биде откупено грозјето.
-За декар фондово земјиште ни кажаа дека цената е 800 евра, за земјиштето кое е во сопственост на лозарите не знаеме која цена е понудена, секако дека е повисока, бидејќи повеќето од лозјата за кои се направија договорите се фондови. Цела една голема парцела ќе се продава, капарот ни е даден, се надеваме дека за месец-два ќе се реализира продажбата. Не ги знаеме сопствениците на фирмата која ќе ги гради централите, и тоа не ни е важно. Факт е дека лозарството полека изумира, младите генерации не сакаат да работат, заработката е мала, а треба многу работа. Ако нема вино, барем нека има струја, се шегуваат тие.
Додаваат дека и лозари чии лозја биле во нивна близина се заинтересирале за проектот, и самите се нуделе да ги продадат своите лозја.
-Колку што сме информирани, оваа фирма повеќе не планира да се шири и да купува други лозја. Се јавуваа наши соседи самите да го понудат лозјето на продажба оти се уморни од работа за малку пари, но од она кое го знаеме, овие 60-70 декари и биле доволни на фирмата која планира да гради фотоволтажни централи-појаснуваат лозарите.
Како што дознаваме, сопственици на приватни фирми од други општини исто така биле заинтересирани за купување на земјиште во Општина Неготино, со цел да градат централи за производство на електрична енергија од сончеви зраци, поради поволната местоположба и клима. Бизнисот со производство на електрична енергија станува се попривлечен во земјава, а според интересот на лозарите за продажба на лозјата, се наметнува прашањето дали производството на вино ќе биде заменето со производство на струја.
Вики Клинчарова