Глобалното неформално движење ,,Собирај ги семките од овошје, а потоа додека патуваш со автомобил, фрли ги од прозор, за да може да никнат нови садници на опустошени места во природа”, со години наназад е доста популарно во многу земји во светот.
Истото, треба масовно да започне да се применува и кај нас, посебно сега, кога големиот пожар на Серта ја опустоши планината, за ,,Фокус” појаснуваат биолози, но и лица кои се активно вклучени во гасењето на пожарот и кои се сведоци на ненадоместливата еко катастрофа која се случува веќе осми ден.
-Секоја семка од овошје да се зачува, а потоа, кога се патува по регионалниот пат Неготино – Штип, од прозор да се исфрлат семките. Доволно е од десет семки, барем едно растение да потера, да никне дрво. Сите жители на Општина Неготино да го прават тоа, но и останатите од други места кои во иднина ќе патуваат на овој патен правец, бидејќи тоа е најмалку што можеме да направиме за природата.
Собирајте ги семките, овој мал гест долгорочно ќе ни се исплати, порачуваат биолози, според кои последиците од пожарот на Серта ќе се чувствуваат и во наредните децении, посебно бидејќи во тој предел имало загрозени, ендемски видови на растенија.
Со истребувањето на растенијата, се загрозуваат сите останати живи организми. На удар се инсектите, но и птиците и цел ланец на животниски свет.
За последиците од масивниот пожар на Серта, допрва ќе се прават анализи. Според првичните информации, кога е животинскиот свет во прашање, голем број од покрупните и побрзи животни имаат поголеми шанси да се спасат од шумските пожари, и да се повлечат покрај вода, или на безбедно место. Помеѓу нив се лисиците, волците, дивите свињи, срна, елен, мечка…
Но, помалите и поспори животни, завршуваат како жртви на огнените пламени. Тука спаѓаат желките, ежовите, гуштери, змии, верверици, куни…
Птиците исто така се на голем удар од пожарите, посебно сега, кога многу од нив имаат подмладок кој уште не може да лета, и зад пожарот остануваат пеплосаните гнезда на дрвата.
-Уште сега мораме да започнеме да мислиме за обнова на опустошената Серта! На есен и на пролет веќе треба да се организираат големи акции за пошумување, да се вклучат сите можни човечки ресурси, армијата, јавните претпријатија, жителите на општината. Самите да си помогнеме ова место што е можно поскоро да започне да го враќа животот, вели локалното население.
Инаку, пожарот кој започна во средата кај Пепелиште, а потоа се прошири на планината Серта, не може да се локализира осми ден, и покрај сите напори на екипите од копно и од воздух, и зад себе остава пустош.
Вики Клинчарова