Општина Неготино се подготвува за традиционалната стопанско- забавна манифестација Неготински панаѓур, кој ќе се одржи од 21-ви до 23-ти септември.
И годинава е предвидено поставување на штандови на централното градско подрачје, на кои се продава текстил, обувки, козметика, предмети за домаќинство, како и крофни, шеќерен памук и друго.
Од Општина Неготино информираат дека цената за изнајмување на тезгите изнесува од 700 до 2.700 денари, во зависност од зоната, и се однесува за период од три дена.
Во цената за издавање на локација биле содржани и трошоците за комунална такса, одржување на хигиена, приклучок и трошок за електрична енергија.
За поставување на апарати за приготвување на храна пак, цената е 4.500 денари.
Годинава, со цел да се поттикнат домашните трговци да земат учество на панаѓурот и да ги изложат своите производи, подготвени се финансиски поволности за нив.
Имено, трговците од Неготино кои ќе постават свои тезги за време на панаѓурот, се ослободуваат од плаќање на надоместокот за 2 метри должина и за овие 2 метри должина потребно е да платат износ од 700 денари, а за тезги над два метри си плаќаат за секој метар плус по утврдениот надомест за секоја зона. Се забранува изнајмување и пренесување на правото на користење локации за поставување на урбана опрема, односно на тезгите на трети лица, информираат од општината.
На Неготинскиот панаѓур, кој е познат во земјава како еден од најстарите, доаѓаат трговци од цела земја. Токму поради тоа, со години наназад локалните трговци често се жалат дека парите на граѓаните завршуваат надвор од општината, во џебовите на трговците од други општини, и по секој панаѓур прометот им бил драстично опаднат.
Многу од нив во повеќе наврати апелираа да се направат промени во целиот панаѓурски концепт, и да се мисли првенствено на локалната економија.
Во тек е поднесувањето на барања за поставување на тезги за панаѓурот, и се уште нема официјални податоци колку тезги ќе има годинава, но со поволноста за домашните трговци, се очекува тие да излезат во поголем број на манифестацијата.
Редовни се и реакциите на граѓаните кои живеат во централното градско подрачје, да се промени локацијата на панаѓурот поради нехигиена и сообраќаен метеж, но годинава нема да има промена во тој дел и тезгите остануваат на плоштадот и на блиските улици.
Вики Клинчарова