Стотина пензионери од Неготино денес излегоа на мирен протест пред Здружението на пензионери ,,Неготино”, како што раскажуваат за ,,Фокус”, со цел да се изборат за достоинствени денови во староста, бидејќи со пензиите кои ги добиваат единствено можеле да преживуваат.
Појаснуваат дека бараат линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари, а не најавеното од 6,8 проценти, кое го сметаат за понижувачко, со оглед на тоа што голем дел од нив примале пензии од по околу 12.000 денари.
-Нашето барање го ставивме на хартија, добивме поддршка од претседателот на неготинското здружение на пензионери, Ванчо Ристов, писмото ќе биде испратено и до Владата. Доколку не се прифатат нашите барања, ќе преземеме порадикални мерки и нема да запрат протестите и штрајковите – велат нашите соговорници, пензионери, кои отворено ги прашуваат јавните функционери дали тие самите би можеле да имаат достоинствен живот со сума од околу 200 евра месечно.
-Сметки, лекови, а за храна ако остане. Знаете ли дека голем број на наши пензионери, кои цел живот работеле и плаќале придонеси, живеат на супа? Оние слики од задоволни пензионери, на телевизија и во списанија, кои мирно и релаксирано си ги минуваат деновите, за повеќето од нас се научна фантастика, посебно изминатиот период кога цените на се отидоа нагоре.
Да не ги спомнуваме и пензионерите кои останале сами, без брачен другар, и кои со една пензија мора да го поминат месецот. Огромна е разликата да се живее со две пензии, со 400 евра на пример, и да се преживее со 200 евра месечно.
Не си во години кога можеш дополнително да заработиш, се чувствуваме како некои на кои им се дава милостина, а не средства кои чесно сме ги заслужиле работејќи и допринесувајќи цел живот за општеството.
Дури и сместувањето во домови за нега на стари лица е луксуз за повеќето од нас, кои не можат сами да се грижат за себе, а сместувањето е колку три наши месечни пензии. Децата ли треба да не издржуваат на овие години? – прашуваат пензионерите.
Од подрачната единица на Фондот за пензиско осигурување велат дека заедно во Општина Неготино и Општина Демир Капија има околу 3.000 пензионери. Минималната пензија изнесувала околу 11.500 денари, но ги немале статистичките податоци според кои може да се види колку од неготинските пензионери месечно живеат со минимална пензија.
Пензионерите реагираат и на зголемувањето на платите на функционерите, па прашуваат дали може да се направи споредба со месечно зголемување од 600 евра, на пример, со месечно зголемување од 20 евра.
-Кога се кажува, цел живот работи, па да си дочекаш пензија и мирни денови, тоа очигледно не важи за нас, во Македонија. Овде пензионирањето најчесто значи секојдневна борба за преживување, штедење, кратење на сите трошоци, правење математика за секој потрошен денар.
Апелираме до сите пензионери во земјава, кои не се задоволни од состојбата со пензиите, да ни се приклучат во протестите, за да се избориме за достоинствена старост – порачаа.
Неготинскиот градоначалник д-р Горан Стојанов, во разговор со ,,Фокус” истакна дека ги поддржува пензионерите, и генерално, секој граѓанин кој смета дека треба да си бара своите права преку мирен протест.
-Секако дека пензионерите ја имаат мојата поддршка, доволно е да се влезе во маркет, да се видат цените, и ќе биде појасно зошто оваа група на граѓани бара зголемување на пензиите- кажа градоначалникот.
Вики Клинчарова