Традиционалната стопанско – забавна манифестација Неготински панаѓур и годинава ќе се одржи од 21-ви до 23-ти септември во централното градско подрачје, каде во тек на трите панаѓурски дена, голем број на трговци од земјава ги изложуваат своите производи на поставените штандови.
Најстарата манифестација по која е познат градот останува на истата локација, на градски плоштад и на дел од блиската улица, и покрај бројните апели на граѓани кои живеат во центарот, штандовите да бидат дислоцирани, првично поради нехигиена, но и поради сообраќајниот метеж.
Градоначалникот д-р Горан Стојанов за ,,Фокус” потврди дека панаѓурот ќе се одржи на истата локација, а наскоро ќе се знае и бројот на штандови кои ќе бидат поставени.
Но, изминативе години овој настан кој привлекува илјадници посетители од сите краеви, се повеќе го губи сјајот и има се помалку тезгаџии. Минатата година изнајмувањето на штандовите изнесуваше 2.700 денари за метар квадратен, а голем број од продавачите кои ги продаваа своите производи, се жалеа дека продажбата им оди слабо.
-Не е она кое беше пред десеттина години, дефинитивно. Порано имаше реки од народ, луѓето тогаш ги добиваа парите од предаденото грозје, купуваа се што им треба од облека, обувки, предмети за домаќинство… Изминативе неколку години, само шетаат, разгледуваат, нема промет како порано.
Сите се научија да пазарат преку интернет, се може да се најде и купи онлајн, затоа и продажбата ни е опадната, се жалеа трговци од Шуто Оризари, кои со години наназад имаат штанд на панаѓурот.
Појаснуваа дека и тие ги продаваат своите производи преку интернет страници, и така им било многу полесно, отколку да доаѓаат во Неготино, да плаќаат изнајмување на штанд, но и да поминат три дена на отворено и да спијат под тезгата или пак во автомобил.
-Чиста работа ни е продажбата преку интернет. Нема вакво малтретирање. Овде, три дена нема каде да се истушираме, во вреќа спиеме под тезга, не е така лесно. Заработката секоја година е се помала, не знаеме дали воопшто и ќе доаѓаме во иднина, се пожалија трговците.
И локални трговци на текстил лани реагираа дека решиле да немаат свои штандови, бидејќи финансиски не им било исплатливо, и велат дека годинава би можеле да размислуваат за изнајмување на штанд, единствено доколку од општината донесат нови правилници, според кои локалците ќе можат да изнајмат штандови со попуст.
-Воопшто не ни е исплатливо да дадеме околу 200 евра за изнајмување на тезга и да се малтретираме на отворено. Панаѓурот е убава традиција, но треба да се мисли и на локалната економија. Вака, овде доаѓаат трговци од други градови, парите на нашите граѓани завршуваат кај нив, наместо да останат во општината. По завршување на панаѓурот, ние бележиме значително опаѓање на прометот.
На кој што му требало, си купил, парите отишле кај тезгаџиите од Шуто Оризари кои доаѓаат секоја година, ние во Неготино потоа со месеци ги чувствуваме последиците. Треба да се поддржи локалната економија, да се врти парата во општината и потребни се промени околу целата организација на настанот, велат неготинските трговци.
Панаѓурот, освен по продажбата на разни производи, познат е и по бројните штандови за продажба на скара и пијалоци. Освен домашните угостители, кои неретко имаат и жива музика во тек на трите панаѓурски денови, доаѓаат и угостители од страна, кои поставуваат маси на градскиот плоштад.
Забавен настан за оние кои доаѓаат од страна да прошетаат околу тезгите и да седнат во кафеана, но истовремено и настан кој едвај чекаат да заврши оние кои живеат во централното градско подрачје.
Па така, секоја година се актуелни нивните реакции дека хигиената е под секое ниво, бидејќи на околу 200 тегзи доаѓаат и по околу 500 трговци, кои три дена престојуваат и спијат на плоштадот. Актуелни се поплаките дека им се врши нужда во дворови и влезови на згради, и со години наназад се апелира за решение, односно за дислокација на штандовите.
Вики Клинчарова