Неготинскиот градоначалник со поддршка за собирот во чест на Фросина: Одговорноста е на секој од нас!

by Fokus

Локалната власт и Советот при Општина Неготино максимално го поддржуваат мирниот собир кој денес ќе се одржи на градскиот плоштад во Неготино по повод трагичната смрт на нашата сограѓанка Фросина Кулакова. Сите ќе излеземе и ќе испратиме порака дека се потребни промени кога е безбедноста во сообраќајот во прашање, за ,,Фокус” вели градоначалникот д-р Горан Стојанов.

Тој порача дека одговорноста за безбедноста во сообраќајот е подеднаква за сите, за децата кои управуваат со мотори и автомобили без возачка дозвола, за нивните родители кои тоа го дозволиле, но и за полициските службеници кои мора неселективно да ги спроведуваат законите и да го санкционираат секој прекршител на законите.

-Во мал град, каде сите се знаеме, добро знаеме и чии деца возат без возачки дозволи, возат пребрзо, не почитуваат сообраќајни закони, дивеат по улиците…
Тоа мора да се промени, не смееме да дозволиме вакви трагедии во иднина. Проблемот не е само во Скопје, во речиси секој град во земјава има случаи на дивеење на улиците, посебно во топлиот период, кога се вадат мотоциклите надвор.
Деновиве ќе одржам состанок со службени лица од полициската станица, сведок сум на редовни поплаки од загрижени граѓани, и мора да се превземат ригорозни мерки против секое кршење на сообраќајните прописи. Покрај проблемот со дивеење со мотоцикли и автомобили, повторно укажувам и на проблемот со неисправни трактори и други земјоделски машини, бидејќи сме земјоделска општина, и не смее да се дозволи да се управува со неосветлено и неисправно возило по патиштата, вели градоначалникот.

Додава дека собирот на кој ќе и се оддаде почит на Фросина и на кој ќе му се изрази поддршка во овие тешки моменти на нејзиното семејство, треба да послужи како аларм за превенција во иднина.

-Револтот на граѓаните на кој сведочиме е сосема оправдан. Секојдневно слушаме за критични точки на улиците во нашиот град, каде се вози пребргу, и сакам да ги известам граѓаните дека на тие спорни улици ќе бидат поставени успорувачи на брзина, односно легнати полицајци.
Апелирам и до полициските службеници, секој прекршител да биде соодветно санкциониран и законот да важи подеднакво за сите. Никогаш ваква трагедија да не се повтори, порача д-р Стојанов.

Собирот на граѓани на градскиот плоштад во Неготино ќе започне во 15 часот. Инициран е спонтано од граѓаните, кои се потресени од смртта на младата дизајнерка Фросина.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости