Градоначалникот на Неготино, д-р Горан Стојанов јавно се огласи по масовното труење извршено на улица Индустриска пред три дена, во кое трујачот зад себе остави повеќе мртви кучиња – чувари, мачки, но и гулаби.
Стојанов информира дека контактирал со одговорните во Ветеринарна станица Неготино, им им сугерирал поинтензивно заловување на кучињата скитници и нивно сместување во постоечкиот стационар, а исто така упати и јавна осуда за вандалскиот чин.
-По објавувањето на информациите за масовното труење на кучиња на потегот на ул. Индустриска во нашиот град, општина Неготино јасно, недвосмислено и најостро го осудува овој вандалски чин и бара од надлежните институции да преземат и спроведат итни активности за откривање и пронаоѓање на сторителот или сторителите на овој грозоморен чин. За таа цел, остварен е официјален контакт со надлежните од ОВР-Неготино и побарана е брза интервенција за откривање на идентитетот на лицето кое го извршило делото, поднесување на соодветен поднесок против него согласно законските прописи и изрекување на санкции за стореното дело-порача тој.
Исто така, градоначалникот апелира до сите граѓани, во случај да им биде отруен миленикот, или пак да наидат на отруено животно на улица, во никој случај да не го допираат, туку веднаш да повикаат полиција.
-Сите кои ќе наидат на отруено животно, мора да го пријават случајот во полиција и не смеат самите да го отстрануваат телото. И вработените во ЈП Комуналец, во случај да забележат починато куче или мачка покрај контејнер, со знаци на труење, веднаш мора да повикаат полиција на увид. Потоа следуваат пропишани законски процедури. Станува збор за опасни отрови, кои се штетни и по животот и здравјето на луѓето! Од информациите кои ги добив од Ветеринарната станица, врз едно од отруените кучиња од улица Индустриска се врши обдукција, апел до институциите за ефикасно и брзо разрешување на овој вандалски чин, кој всушност е кривично дело и не смее да се повтори во нашата општина– изјави Стојанов.
Вики Клинчарова