Неготинскиот градоначалник останува да работи и како доктор!

by Фокус

Новоизбраниот градоначалник во Општина Неготино, Горан Стојанов од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој по професија е лекар-интернист, вработен во ЈЗУ Неготино, и покрај градоначалничкиот ангажман, останува да ги лекува своите пациенти. Тој ја информира јавноста дека шест часа во неделата ќе биде достапен за своите пациенти, појаснувајќи дека животот го посветил на професијата, а пациентите биле негово семејство.

-Голема е одговорноста да ја носам функцијата градоначалник на Општина Неготино, но според мене еднаква е и одговорноста за вашето здравје, за здравјето на секој од вас. На мојата професија и го посветив својот живот, па за тоа моите пациенти се моето семејство. Имам должност да ве лекувам и да сум тука за вас, затоа ве известувам дека јас, покрај ангажманот во Општина Неготино, како градоначалник на сите вас, останувам и доктор-интернист, со работно време: вторник, среда и четврток, од 17 до 19 часот во ЈЗУ Здравствен дом Неготино“, информира д-р Стојанов, кој за време на најголемите ковид-бранови во градот беше одговорен за ковид центарот.

Како потсетување, Неготино се соочи со голем број на инфицирани со вирусот лани во ноември и годинава во март. Во тие периоди се случуваше дневно да има и по 50 нови случаи, а болницата беше преполна со позитивни пациенти кои секојдневно доаѓаа да примат терапија и да ги извршат потребните медицински анализи.

-Уште во седум часот наутро докторот беше таму подготвен и не пречекуваше. Само што ќе не види, тој знаеше кој каква терапија прима, кому што препишал, кој какво испитување треба да направи. Многу посветено не лекуваше, со човечки пристап кон секој пациент, темелно заинтересиран за секој поединец. Да се надеваме дека како што се грижи за пациентите, така ќе се грижи и за градот – ни раскажаа негови пациенти.

Инаку, неготинската болница кубури со лекари-специјалисти. Токму поради тој недостаток на кадар, за време на силните бранови министерот за здравство Венко Филипче ни изјави дека позитивните пациенти на кои им е потребна хоспитализација се препраќаат во кавадаречката модуларна болница.

В.К.

Поврзани новости