По две години пауза поради пандемијата со корона вирус, во Неготино повторно ќе се одржи традиционалниот Неготински панаѓур, манифестација која започнува на 21-ви септември, во чест на празникот Мала Богородица, а датира од пред повеќе од сто години.
Празнувањето започнува со манастирска вечер на 20-ти септември, со посета на манастирот Свети Ѓорѓи, а потоа во наредните три дена е предвиден стопанскиот дел од манифестацијата, кога центарот на градот станува како еден вид на саем, каде на тезги се продаваат разни производи, од текстил до пластика.
Исто така, на повеќе локации се поставуваат и штандови за продажба на скара, а градот од утро до мрак е полн со посетители од сите краеви. Годинава цената за метар квадратен на штандовите на градскиот плоштад ќе изнесува 2.300 денари, додека во останатите зони се движи од 1.900 до 600 денари за метар квадратен. Сточниот пазар пак, кој во минатото беше лоциран покрај Спортската сала Младост, годинава е укинат и нема да се продава добиток.
Од општината за „Фокус“ информираат дека ќе има над 300 штандови, ќе бидат поставени голем број на мобилни тоалети, како и дека ќе бидат ангажирани десетици редари низ градот, со цел настанот да помине во најдобар ред. Годинава новитет е одржувањето на Неготинска вечер, на 18-ти септември, на градскиот плоштад, каде ќе настапат голем број на музички имиња. Листата со учесници се уште се дефинира, и повеќе детали ќе бидат објавени наскоро.
Вики Клинчарова