Неготино се сплоти за помош на момчето кое се повреди во Грција, градоначалникот ги повика и приватните компании да донираат!

by fokus

Велосипедистот и планинар Јани Иванов (18) од Неготино, кој се здоби со тешки повреди на ‘рбетот за време на еднодневната екскурзија во соседна Грција, ќе добие финансиска помош од 60.000 денари од општинскиот буџет. Веста за ,,Фокус” ја потврди градоначалникот д-р Горан Стојанов, кој појаснува дека тоа е сумата која според прописите се доделува како помош за лекување во странство.

Како што вчера раскажаа блиски пријатели на повреденото момче, тоа е хоспитализирано на клиника во Солун, каде му биле извршени две комплицирани хируршки интервенции, а следувале уште најмалку две операции за кои се потребни големи суми.
Затоа во градот е најавено одржување на повеќе хуманитарни активности, на кои граѓаните ќе можат да донираат средства за помош на семејството Иванови, со цел да се покријат огромните трошоци за лекувањето.

Градоначалникот Стојанов вели дека веста за Јани Иванов го вознемири, но и го сплоти целиот град. Најави дека ќе се направи обид за координација со клубовите и друштвата во кои членувал младиот Иванов, односно играорни групи, планинарски друштва и велосипедски клубови, па заеднички да се организираат што е можно повеќе хуманитарни настани.

-Ги повикувам сите општествено одговорни компании во градот, да покажат хуманост во овие мигови, кога на нашиот сограѓанин му е најпотребна помош. Како лекар, според првичните сознанија можам да кажам дека станува збор за долго лекување за кое се потребни високи суми на пари, значи секој денар е добредојден. Сумата која ја доделува општината е симболична, но според прописите, тоа е износот кој се одобрува за лекување во странство.
Ќе направиме напори на други начини да се соберат што е можно повеќе средства, да организираме настани со цел масовно да им се излезе во пресрет на луѓето. Верувам во хуманоста на моите граѓани, и искрено се надевам дека што е можно повеќе компании од градот ќе дадат свој придонес во оваа тешка ситуација низ која минува семејството Иванови – ни изјави д-р Стојанов.

Веќе е најавен вело собир во недела, во организација на Антигонеа бајкинг, во 19 часот на градскиот плоштад. Ќе бидат поставени кутии за донации, ќе се одржи театарска претстава и ќе настапат локални музичари.

Исто така, на 25-ти јули ќе се одржи настан, вечерна прошетка, односно искачување на Тимјаничка цуцка, со почеток од 19 часот, а стартот е од населбата Саат кула, мостот на Балек.

Сите хумани граѓани и општествено одговорни компании кои се во можност, можат да донираат средства на 200 0038945580 43, Јани Иванов, Стопанска банка, со назнака донација. Наскоро се очекуваат и телефонски броеви за донации.

Вики Клинчарова

Поврзани новости