Кога пред една година младиот студент од Неготино, Димитар Аврамов јавно го претстави својот проект Хуманитарен маратон – Неготино се буди, серија од настани кои ги организираше во градот, со цел да се соберат средства за семејството Најдови од село Долни Дисан, тој ја доби поддршката од јавноста.
Неговата искрена желба да му се помогне на семејството, кое со години наназад е едно од најзагрозените во неготинско, и конечно да добијат дом, бидејќи живеат во разурнат објект, беше дочекана со позитивни коментари, илјадници допаѓања на социјалните мрежи, споделувања и ветувања дека голем број на општествено одговорни компании и хумани граѓани ќе се вклучат во акцијата.
Денес, една година откако младиот хуманист ја покрена акцијата, со намера во дворот на Најдови да се изгради мал дом, каде ќе можат да имаат достоинствен живот, иако тешко, нештата се придвижуваат напред.
Семејството составено од мајката која е лице со блага ментална попреченост, таткото и синот, се уште живеат во разурнатиот објект без никакви услови, но во нивниот двор веќе се гради куќата која Димитар им ја вети.
Како што раскажува Аврамов, собирањето на донациите одело тешко. На сметката биле собрани околу 82.000 денари, средства со кои започнала изградбата на куќата. Сепак, голем број на хумани граѓани се понудиле да помогнат и да извршуваат дел од градежните работи без надомест, а се јавиле и неколку компании од градот кои донирале градежни материјали.
Сега, нареден чекор било поставувањето на кров, малтерисување од надворешната страна на куќата, а потоа следниот чекор било средувањето на внатрешноста.
Среќен е што во акцијата се обединиле голем број на млади луѓе од општината, кои несебично, водени од помислата дека некому можат да му помогнат, го давале својот придонес во целиот проект.
-Проектот наречен „Неготино се буди“ слободно можам да кажам дека прерасна во „Неготино се разбуди“ или поточно „Неготино е БУДНО“.
Да, тоа е баш вистинскиот збор. Хуманитарниот настан кој се одржува секоја година во месец февруари, на својот 5-годишен јубилеј си постави за себе поголема цел. Желба наречена решавање на проблем, желба наречена сплотување на граѓаните, желба наречена развивање на самосвест, желба наречена проникнување на доброто, на убавото во нашите души. Желба наречена да се биде БУДЕН. Тоа беше наша желба, тоа беше наша цел и сега со сигурност можам да кажам дека желбата стана реалност, реалност за мене и за оние кои ме поддржаа несебично за сето ова поминато време.
Морам да кажам дека во проектот „Неготино се буди“ учествуваа млади луѓе, млади душички. Тие први ја сфатија смислата и поттикот да се направи нешто, да се сменат работите. Тие први сфатија дека давањето љубов може да се врати единствено со љубов, дека доброто со добро се враќа.
Во реалноста правењето и организирањето на вакви слични настани не е баш едноставна работа во нашето општество, ако не си владина или невладина организација, граѓанско или не знам какво движење, но ако сето тоа го работиш од чиста љубов, од мисла, од идеја, колку и да е тоа тешко или не замисливо, едноставно можеш да успееш. И да, ние успеавме!
Неизмерна благодарност за сите кои помогнаа материјално или духовно за ова наше будење. Благодарност до бескрај на граѓаните на општина Неготино. Огромно фала до младината за нивната самосвест, за нивната чиста душа. Едноставно благодарност до сите. Сакам да ги поздравам и оние кои не учествуваа, не земаа удел во проектот, некои од неинформираност, некои од неможност.
Голем поздрав и до оние што го отфрлија проектот гледајќи го со скептицизам и негативна енергија. Сепак и за нив има време за промена. Тука сме ние, младите, продолжуваме понатаму, не застануваме бидејќи ова не ни е крајната цел. Идејата ни е сето ова да го зачуваме, одржуваме, едноставно да останеме БУДНИ. Тука сум, секогаш отворен за соработка и секогаш спремен за нешто добро, нешто ново – порача Аврамов.
Во минатото, пред да се заложи за изградба на куќа на Најдови, Димитар организираше низа на спортски настани, каде собраните средства се донираа на загрозени семејства во општината.
Изградбата на куќата на фамилијата во Долни Дисан беше неговиот прв проект од голем размер, кој сепак, и покрај сите препреки, се движи кон финална реализација.
Семејството Најдови се уште има потреба од помош за да го добие вистинскиот топол дом. Сметката за донации е отворена, се апелира до сите поголеми компании кои се во можност да понудат своја помош, градежни материјали, мебел, апарати за домаќинство, бидејќи семејството го започнува својот живот буквално од ништо.
Заинтересираните можат да донираат на следната сметка 240197002114139 Уни Банка, Милан Најдов, со назнака -донација.
Вики Клинчарова