Општина Неготино се подготвува за најзначајната манифестација во градот, одбележување на празникот на лозарите и винарите, Свети Трифун, на четиринаесетти февруари.
Планираните активности ќе започнат уште на единаесетти февруари, и ќе завршат со голема забава на старата градска чаршија на четиринаесетти.
-Натпревари во дегустација на вино и ракија, организирање на вински тури, вино терапија и унапредување на користење на виното во козметичката индустрија, етно работилници, ликовни колонии, театарски претстави, отворање на изложби и многу гости од целиот свет очекуваме во градот за време на настанот – велат од општината.
Додаваат дека централниот настан ќе се случува на четиринаесетти февруари, денот на лозарите, но и празникот на вљубените, па ќе има интересни содржини и за љубителите на доброто вино, но и за тие кои претпочитаат да слават во романтична атмосфера.
-Со закројувањето на виновата лоза ќе започне манифестацијата на градскиот плоштад на пладне, следуваат настапи на фолклорни друштва и музички гости. Свои настапи ќе имаат Мишко Крстевски, групата Нели ти реков, Ѓоко Ѓорчев и многу други. Потоа, во вечерните часови, забавата ќе продолжи на старата чаршија, со штандови со вино по промотивни цени, со настап на групата Ај Кју, Александар Белов и други познати музичари кои се по потекло од Неготино. Ќе имаме богата програма, водителка ќе биде Елена Стефановска, се уште се прави листата со учесници и можно е да имаме и повеќе музички гости. Очекуваме посетители од целата земја, овој настан е еден вид на туристичка атракција во градот – информираа од општината.
Освен во Неготино, Свети Трифун се слави и во Кавадарци и Демир Капија. Во Кавадарци, покрај многубројните музички групи, како главна ѕвезда на настанот е најавен концертот на Владо Јаневски. Во Демир Капија пак, ќе настапат Ефто Пупиновски, Андријана Алачки, и други.
Вики Клинчарова