Во пресрет на новата учебна година Отсекот за превенција при СВР Велес започна со проверки на поставени сообраќајни знаци, обележани пешачки премини, особено на сообраќајници околу основни и средни училишта, како и пристапи до пешачки зони, во Велес, Кавадарци и Неготино.
Станува збор за превентивно-едукативниот проект „Безбедно од домот до училиштето“, кој Сектор за внатрешни работи Велес за прв пат ќе го спроведува во партнерство со надлежни служби на општините Велес, Кавадарци и на Неготино.
Во Неготино пешачките премини низ целиот град се одбележуваат еднаш годишно. Како што појаснува градоначалникот д-р Горан Стојанов, за таа намена секоја година се одвојувале 1,5 милиони денари, односно над 24 илјади евра.
Сепак, според реакциите на граѓаните, одбележувањето на пешачките премини треба да се прави барем неколкупати годишно, или пак да се користи квалитетна боја, бидејќи по помалку од месец дена, истата е речиси целосно избришана.
-Ќе се врши одбележување на пешачките премини низ целиот град, не само околу училиштата во пресрет на почетокот на учебната година, и свесен сум за реакциите на граѓаните дека бојата многу бргу избледува.
Секоја година одвојуваме 1,5 милиони денари за одбележување на премините, ќе ги разгледаме сите опции околу бојата која ќе се користи, бидејќи мора да биде со добар квалитет, за да немаме критики од типот дека по првиот дожд се избришала – појаснува градоначалникот.
Во повеќе општини веќе одреден период се користи ладна пластика за одбележување на пешачките премини.Таа е далеку потрајна од обичната, односно најчесто користената акрилна боја, и техниката за нанесување на бојата се изведува рачно, па потребно е повеќе време за изведба.
Употребата на ладната пластика на пешачките премини е поквалитетна и се нанесува во подебел слој и гарантира поголема трајност на бојата.
Дали Неготино ќе добие пешачки премини одбележани со ладна пластика, барем околу двете основни и единственото средното училиште, како и во централното градско подрачје, каде има голема фреквентност на сообраќајот, во пресрет на учебната година, се уште нема информација.
Инаку, од СВР Велес информираат дека направиле обиколка на училиштата во Неготино, Кавадарци и Велес, а на претставниците на локалните власти им било укажано да се обезбеди проодност до сите пешачки зони на улиците кон училиштата, како и поставување на бариери коишто ќе спречат директно излегување на децата од училишните дворови на коловозот.
Вики Клинчарова