Традиционалниот неготински панаѓур, стопанско – забавна манифестација која датира со векови наназад, ќе се одржи и годинава, од 21-ви до 23-ти септември. Пред почетокот на панаѓурот се одржува Манастирската вечер, а пак Неготинската музичка вечер ќе се одржела неколку дена порано, на 16-ти септември на градскиот плоштад.
Во тој период се очекуваат голем број на посетители од целата земја, иако последниве години панаѓурот кој беше централен настан во Неготино, на некој начин го губи сјајот и се помал е бројот на трговци кои ги изложуваат своите производи.
Оваа година, локацијата на штандовите ќе биде на градскиот плоштад и на улицата „Јане Сандански” и се уште не се знае точниот број на трговци кои ќе земат учество на панаѓурот. Минатата година, многу од нив се пожалија дека е намален бројот на посетители, односно на купувачи на изложените производи, и намалениот интерес го препишуваа на интернет продажбата, која им била голема конкуренција, како и на економската криза.
Од друга страна пак, локалните трговци не се среќни поради одржувањето на панаѓурот, бидејќи во тој период значително им се намалувал прометот, и последиците ги чувствувале со месеци потоа. Редовно реагираат дека панаѓурот наместо да им донесе пари на неготинските трговци, прави парите на граѓаните да завршат кај трговци од страна, наместо да останат во општината.
Покрај штандовите, за време на манифестацијата во градот во повеќето локали има и жива музика. Во минатото доаѓаа големи музички имиња, додека пак последниве години најчесто забавите поминуваат со локални музичари.
Кога е Неготинската музичка вечер во прашање, лани главна музичка ѕвезда беше бендот „Црвена јабука” и нивниот концерт беше масовно посетен, како од неготинци, така и од посетители од околните општини.
Годинава, потврдено е гостувањето на Игор Џамбазов и Гуру Харе, како и на Бока Конга. Било планирано како ѕвезда на вечерта да настапи познат рок бенд од просторите на поранешна Југославија, но поради здравствен проблем на фронтменот на бендот, истиот бил откажан.
Во тек биле преговори со повеќе познати регионални музички ѕвезди, и за неколку дена ќе се знае името на музичката атракција која ќе ги забавува присутните на Неготинската музичка вечер.
Вики Клинчарова