Околу 2.300 жители на Општина Неготино го дадоа својот потпис против најавената депонија за индустриски инертен отпад, а собирањето на потписите се уште е во тек. Денес пред општинската зграда е зголемен бројот на граѓани, кои што кажуваат Не за депонија и ги оставаат своите потписи.
Истите ќе се собираат се до 17-ти јануари, секој работен ден на третиот кат во општинската зграда, во тек на работното време на администрацијата, односно од 8.30 часот наутро до 16 часот попладне.
Видео пораката која што градоначалникот Тони Делков им ја упати на сограѓаните, и во која што изјави дека се пишманил и нема да се гради депонија, само уште повеќе го предизвика револтот на неготинчани, кои деновиве уште помасовно излегоа да го дадат својот потпис.
Имено, градоначалникот самостојно не може да ја поништи одлуката за изградба на депонијата, туку таква одлука може да донесе Советот на градот, со гласање на советниците, тврдат правници запознати со случајот.
На последната седница на Советот, која започна набргу по изјавата на Делков дека нема да се гради депонијата, сепак, депонијата не беше ставена како точка на дневниот ред, со што немаше ниту гласање за поништување на одлуката за изградба на депонијата.
Дел од советниците, но и активисти од здружението на граѓани Ековита бараа да им се достави документ, како гаранција дека нема да се гради депонијата, но до денес, таков документ нема. Токму поради тоа, голем број на граѓани го обвинуваат градоначалникот за манипулирање, а од Ековита јавно го искажаа својот став, дека градоначалникот донесува само заклучок, а Советот ги носи одлуките, односно се друго е лага и не е точно.
-Кога Советот ќе ја поништи одлуката за изградба на депонијата, само тогаш нема да се гради депонија. Таков е законот и не може градоначалникот самостојно, со збор, да одлучува за поништување на било какви одлуки кои се однесуваат на целата општина – тврдат од здружението.
Во изминатите денови се зголеми и бројот на активистите на здружението. Голем број на граѓани се приклучија и низ градот делат летоци, но и ги информираат граѓаните за депонијата.
Во селата Пепелиште и Криволак, во чија близина е планирана депонијата, голем број на жители до пред неколку дена воопшто и не слушнале ништо за депонијата. Некои ни изјавија дека биле доведени во заблуда дека ќе се гради депонија за комунален односно градежен отпад, но откако дел од активистите ги посетиле и им појасниле дека станува збор за депонија за индустриски инертен отпад, без двоумење велат дека се против депонијата.
И советниците од ВМРО ДПМНЕ јавно му порачаа на Делков дека граѓаните не му веруваат, бидејќи одлука за поништување на одлуката за изградба на депонијата треба да донесе Советот на Општината, со гласање на советниците, а такво нешто нема.
На социјалните мрежи не запираат критиките кон Делков и барањата од граѓаните да се прекине со целиот проект, но и да им се даде ,,црно на бело” документ кој ќе им гарантира дека депонија во градот нема да има.
Иницијативата за собирање на потписи ја покрена Ековита, и целта е да се соберат 3.200 потписи од граѓаните, со цел потоа да се распише референдум.
,,Фокус” стапи во контакт со Диме Витанов, претседател на Советот на општината, кој што уште минатата недела ни изјави дека неговиот став околу депонијата е јасен, тој бил секогаш со народот и го слушал гласот на своите сограѓани.
На прашањето дали тој го дал својот потпис на иницијативата против депонијата, Витанов вели дека не се потпишал, и нема да го стори тоа, бидејќи според него, работата била веќе завршена.
-Не се потпишав, бидејќи депонија нема да има. Градоначалникот има надлежност да распише продажба на земјиштето наменето за депонија, исто така тој има и надлежност да ја стопира продажбата на истото. Свесен сум дека граѓаните бараат документ кој тоа ќе им го потврди, ќе го добијат за неколку дена и документот – изјави претседателот на Советот.
Сепак упатените велат дека продажбата може да ја стопира само советот, а такво нешто досега не е направено.
Вики Клинчарова