Неготино ќе добие модерен плоштад вреден околу пола милион евра!

by fokus

Не станува збор за санација и поправки на стариот и дотраен плоштад, туку Неготино ќе добие комплетно нов реконструиран и модерен плоштад. Вредноста на овој проект е околу 450.000 евра, и општината треба да аплицира во септември. Станува збор за средства кои ќе се обезбедат преку Вардарски плански регион, како и средства од општинскиот буџет – за ,,Фокус” открива градоначалникот д-р Горан Стојанов.

Комплетна реконструкција на стариот плоштад беше најавена и во неговата предизборна програма насловена ,,Програма за подобро Неготино”, како еден од десетте топ проекти.

Повеќе детали околу најавената изградба на новиот плоштад се уште не се прецизираат, но градоначалникот истакна дека ќе бидат запазени сите аспекти за да се добие современо и функционално катче за граѓаните, каде посебно ќе се внимава на пристапноста на лицата со инвалидитет кои користат помагала за движење. Освен на плоштадот, и долж главната улица ,,Маршал Тито” ќе се обезбеделе места за пристапност и непречено движење со количка.

Плоштадот во Неготино беше изграден пред повеќе од три децении и веќе со години наназад не се извршени никакви санации на оштетените делови. Во повеќе наврати граѓаните објавуваат фотографии на социјалните мрежи на кои се гледа искршениот мермер, уништените скали, како и рампите кои биле предвидени за колички, но кои е невозможно да се користат бидејќи се нефункционално изведени.

Покрај целосна реконструкција на градскиот плоштад, градоначалникот во својата предизборна програма на неготинци им вети и изградба на голем зелен парк во близина на спортската сала ,,Младост”, проект кој граѓаните со нетрпение го очекуваат, бидејќи во Неготино нема голем парк, ниту пак доволно зелени површини за рекреација.

Вики Клинчарова

Поврзани новости