Неготино ќе биде мртов град ако пратениците дозволат влез на загадувачка индустрија во општината!

by Fokus

-Ги повикуваме пратениците од Неготино да не дозволат Предлог на закон за управување со отпадот, да помине во Собрание со цел да се дозволи влез на загадувачка индустрија во Неготино, без да се консултираат граѓаните. Сметаме дека ова е закана за безбедноста на граѓаните во нашата општина, и ќе значи крај на лозарството, основната земјоделска дејност на нашите жители, по која со векови наназад е прочуен овој крај. Ќе има еколошко иселување, треба ли граѓаните да започнат да го напуштаат родниот крај, во потрага по живот далеку од огништето? – за ,,Фокус” вели биологот Сашко Тодоров од Здружение на граѓани Ековита.

Тој алармира дека проектот кој го најави премиерот Зоран Заев, за инвеститор од Луксембург (Ековита тврди дека се работи за фирма од Неготино), која планира да гради гасна централа кај Дуброво, на околу четири километри од градот, е закана за безбедноста на граѓаните и животната средина. Според Заев, инвестицијата во енергија од отпад е вредна околу 336 милиони евра, и е проект кој ќе го реши проблемот со отпадот од дури 48 општини во земјава. Тодоров потенцира дека мора да се слушне гласот на граѓаните по повод ова прашање, бидејќи во спротивно, ќе биде погазена Архуската конвенција од страна на локалната самоуправа.

-Како може да се носи одлука за согорување на комунален отпад од 48 општини на само неколку километри од Неготино, а граѓаните да не бидат прашани за мислење? Голем дел од народот дури и не е во тек со случувањата околу најавената инвестиција. Во месец мај направивме анкета и дури 97 проценти од анкетираните одговорија дека не се вклучени во донесување на одлуки од страна на локалната заедница кои се од важност во нивната околина.  Анкетата е дел од проектот Еколошки барометар, а таа опфаќа 130 жители на Неготино и две села Војшанци и Тремник. Спроведена е по случаен избор, со почитување на полова, верска и возрасна структура. Анкетата ја поддржува Здружение за статистика и анализа ЗМАЈ од Скопје. Проектот е финансиран од Швајцарската амбасада, преку „Цивика мобилитас”. Од „Ековита“ повторно ги повикуваме пратениците од Неготино да не дозволат законот за стратешки инвестиции да помине во Собрание со цел да се дозволи влез на загадувачка индустрија во Неготино, без да се консултираат граѓаните. Законот за стратешки инвестиции е противуставен бидејќи не ја почитува Архуската конвенција – вели Тодоров.

Додава дека минатата година жителите на Неготино беа соочени со најава за изградба на депонија за индустриски отпад од страна на фирма од Италија, и уште тогаш граѓаните кажаа –НЕ за загадувачката индустрија. Прашува што ќе се случи со лозарството, но и здравјето на луѓето, доколку се дозволи изградба на гасна централа, но стравува и од најавите за изградба на железара во Неготино, кои уште пред шест месеци во интервју за магазинот Капитал ги обелодени еден од сопствениците на компанијата ИГМ Трејд.

-Ова е земјоделски крај! Свесни сме што можат да значат овие инвестиции за општината од економска гледна точка, ама уште повеќе сме свесни што ќе значи ова од еколошка гледна точка! Треба ли да имаме мртов град, од кој луѓето ќе започнат да се отселуваат? Ековита на сите кои ќе дозволат влез на загадувачки индустрии ќе им додели сертификат за Еко-непријател на вардарскиот регион, но се оградува од одговорноста и последиците од јавното прогласување и доделувањето на сертификатот-еконепријател, бидејќи неколку пати е објавена опомената во медиумите. Законот за стратешко инвестирање и Предлог на закон за управување со отпадот, не се во согласност со Архуската конвенција, односно не ги вклучува граѓаните во донесување на одлуки во заедницата! Исто така ги повикуваме граѓаните внимателно да ги следат настаните околу Неготино за да можат подобро да се одлучат на локалните избори- велат од здружението.

Вики Клинчарова

Поврзани новости