Неготино има музичари со кои може да се гордее: Одржана првата винска манифестација во градот на виното!

by Fokus

Шест часа музика, штандови со вино и локални традиционални производи и голем број на расположени посетители беше вчерашната слика од центарот во Неготино, каде се одржа првото издание на манифестацијата ,,Неготинско младо вино”.

Станува збор за настан во организација на Општина Неготино, кој треба да прерасне во традиционален и да се одржува секоја година. Целта му е да се промовираат локалните производи – вино, мед, маџун, пита… како и промоција на локалните музичари.

Помеѓу музичките гости кои настапија беа Благица и Дуо Фортисимо, Лидија Паскова и Ориентал Бенд, Ѓоко Ѓорчев, Кате и Нели ти реков, Група Чардак, Ексклузив Бенд, Акустико Лајт, Трио Гранде…

Музичарите направија одлична атмосфера. Пееја свои авторски песни, како и обработки на стари македонски песни, но и македонски и светски евергрини. Не можеше, а да не се забележи нивното музицирање од срце, радоста и гордоста што пејат во родниот град, пред своите луѓе.

-На многу светски сцени сум застанал, но чувството кога пејам пред моите сограѓани е непроценливо. Крвта не е вода, а ова е најубавата сцена за мене – кажа Ѓоко Ѓорчев.

Додека траеја настапите, посетителите можеа да ги разгледаат штандовите на кои се продаваа локалните производи, а пред бината беа поставени и маси. Се продаваа разни вина од локални винарии по симболични цени. Наливно вино, на пример, во чаша со логото на манифестацијата која посетителите ја добиваа како подарок, изнесуваше 50 денари.

Првичните реакции на неготинчани кои присуствуваа на винскиот фестивал, прв во градот на виното, беа позитивни. Граѓаните истакнуваат дека се желни за културни и забавни настани, кои имаат цел да ја промовираат општината, а во иднина и да донесат голем број на гости од цела земја.

Вики Клинчарова

Поврзани новости