Најмногу граѓани, вакцинирани против ковид-19 има во Неготино, односно според МЗ, вакцинирани се дури 65,1 отсто. Од нив, прва доза примиле 12.228 лица, а 11.518 и втора доза на вакцина. Веднаш зад Неготино се наоѓа Кавадарци, со 64,3 отсто вакцинирани, односно прва доза примиле 22.295 лица, втора доза примиле 21.009 лица.
И додека во општини како на пример Струмица, Гостивар и Дебар, процентот на вакцинирани се движи од околу 33 до 34 отсто, во Тиквешко граѓаните покажаа високо ниво на свест кога е вакцинацијата во прашање.
Велат дека она што им го донесе вирусот, посебно во месец ноември минатата година, но и годинава во март, кога дневно имаше и по над 50 новоинфицирани лица во Неготино, но и во Кавадарци, а болниците беа преполни со позитивни пациенти, им било мотив да се заштитат себе, но и да придонесат во заштитата на колективното здравје, имунизирајќи се.
-Речиси во секое семејство кое го знаеме имаше некој инфициран. Посебно годинава во март, состојбата во градот беше до толку лоша, што изгледаше како да работат само аптеките и клиниките. Најголемата гужва беше таму, а многу сограѓани поминаа лошо, едвај се изборија со болеста. Затоа и вакцината која моментално се нуди како единствен спас од вирусот, беше нешто кое се подразбираше дека ќе го примиме – раскажуваат неготинчани кои се вакцинирале помеѓу првите во градот.
Потсетуваат дека 62 лица ја изгубија битката со вирусот од почетокот на пандемијата, а дури 2.307 беа инфицирани.
Во Кавадарци пак, 170 лица починаа од последици на вирусот, а од почетокот на пандемијата се инфицираа 5.853 лица.
Помеѓу починатите имаше и млади лица, роднини, сопружници, кои ја изгубија битката во рок од само неколку дена.
Според Министерството за здравство, процентот на вакцинирани кај помладото население, од 18 до 39 години, изнесува 31 отсто, а над 40 години изнесува 55 отсто.
Вики Клинчарова