Неготино, еден од ретките градови во светот каде нема семафори, односно единствените кои се наоѓаат на раскрсницата во центарот не се во функција околу две децении, ќе добие три кружни текови.
Од општината информираат дека во тек е изработка на нов ГУП, кој ќе го опфати целиот град, и според него ќе се создадат услови за изготвување сообраќајно решение за градот со изградба на три кружни текови, нови паркинг простори, како и промена на намените кои се усогласуваат со барањата на физичките и правните лица кои се во рамките на законската регулатива. Генералниот урбанистички план во Неготино не бил променет цели 15 години.
По иницијатива на градоначалникот Тони Делков, стручните служби започнале со изработка на новиот ГУП, чиј плански опфат изнесувал 545,12 хектари. Претходникот на Делков, Ванчо Апостолов исто така најави во својата предизборна кампања на локалните избори 2013 – 2017 година, насловена ,,Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Неготино’’ изградба на кружен тек во близина на автобуската станица, но ветувањето стана неисполнето.
Фото: Аџи
В.К.