Неготино наскоро ќе добие нова фабрика за кабли, инвестиција од 20 милиони евра на босанската групација ТТ Кабели, која ќе биде лоцирана во новата индустриска зона, во индустрискиот парк на компанијата ИГМ, во близина на стариот автопат Неготино – Скопје.
Од ТТ Кабели веќе го најавија проектот на кој работеле цела година и информираат дека се одлучиле фабирката да ја отворат на оваа локација бидејќи има одлична местоположба, во близина на автопат, железница, но и во близина на скопскиот аеродром.
-Новата фабрика ќе се простира на 20.000 метри квадратни во Неготино, и ќе биде дел од ТТ Кабели групацијата, која има повеќе од 400 вработени, а производите ги продава во повеќе од 50 земји ширум светот. Фабриката во Неготино ќе се вика Кабекс Каблес – ТТ Кабели Македонија.
Ќе се произведува нов асортиман на сигнални, контролни и инструментални кабли, како и надополнување на веќе постоечките капацитети за нашата продажна мрежа.
Оваа инвестиција ќе отвори 90 нови работни места, но и бизнис можности за стотици локални доставувачи и ќе придонесе за економскиот развој во Неготино, но и во целата земја, информираат на официјалната страница на ТТ Кабели.
Додаваат дека фабриката ќе биде опремена со најсовремени машини и линии за производство, и максимално ќе се почитуваат безбедносните и еколошките прописи.
Околу стартувањето со работа на новата фабрика, од групацијата известуваат дека тоа ќе се случи во втората половина на 2024 година, со што ќе започнело ново поглавје во целата ТТ Групација.
Вики Клинчарова