Среќен сум што сум жив, но треба ли некој настрада за да се реши овој проблем? Додека возев на релација Штип – Неготино, после клучката, симнувајќи се по удолнината, неколкупати помислив на текстовите кои ги прочитав во ,,Фокус”, а во кои се алармираше дека на овој регионален пат со месеци живее стадо коњи. Внимателно возев, имам децениско искуство како возач, но се се случи за секунда. Ми излегоа коњите пред возило, удрив во нив – за ,,Фокус” раскажува М.Т. (54) од Неготино.
Неговиот идентитет е познат на редакцијата на ,,Фокус”, а настанот се случил во петокот. Како што појасни, управувал камион од марката Мерцедес, возило со кое врши шлеп служба, а во моментот на настанот превезувал неисправен автомобил.
Токму тоа, што во коњите на патот удрил со камион, возило кое е големо и чија кабина е високо, му го спасило животот. Вели дека не сака ниту да помисли што би случило доколку удрел во животните со патнички автомобил.
-Јас сум сериозен возач, но ситуацијата беше нешто кое ете ниту јас со моето искуство, не можев да го избегнам. Во дел од секунда пред мене се појавија коњите, ги имаше околу седум – осум на број, од големи до мали, сите расшетани на коловозот среде бел ден. Бидејќи е удолнина, немав многу време за реакција ниту пак за размислување, делови од секунда се тоа, свирнав со трубата, во надеж дека животните ќе се растргнат, но тие започнаа да трчаат уште побрзо, едни на една, други на друга страна пред возилото.
Удрив во нив, забележав само дека еден од коњите се затететрави и падна на страна, бев во шок и продолжив да возам. Камионот беше во возна состојба, но со очигледна материјална штета, не запрев и не повикав полиција, бидејќи доволно вознемирен од настанот, не сакав да губам повеќе време. Не можев да чекам да дојде полициска екипа, да се прави записник, кога ми е јасно дека штетата која се направи на мојот камион, на крај секако дека сам ќе си ја платам. Но, јавно раскажувам за случката, со цел вакво нешто никому да не му се повтори, да се ангажираат надлежните и да го тргнат стадото коњи од патот Штип – Неготино, пред некој да загине –вели неготинецот.
Додава дека е вознемирен од настанот. Потсетува дека на тој пат има доста возила, се превезуваат цели семејства со мали деца, се движат и млади возачи кои немаат големо искуство. Кога мене ми се случи да не можам да ги избегнам коњите, како ли би поминал некој помлад и понеискусен возач, прашува.
За стадото од над десеттина коњи ,,Фокус” пишуваше уште пред повеќе два месеци. Животните беа распуштени на коловозот пред клучката каде патот се дели кон Штип и Радовиш. За нив не алармираа читатели, а потоа и дел од екипата на ,,Фокус,, отиде на самото место.
Коњите максимално ја загрозуваа јавната безбедност на патниците на овој патен правец каде има доста кривини и непрегледни делови. Тогаш се јавивме во Полициската станица Радовиш и им појаснивме за ситуацијата. Службеникот со кој разговаравме првин ја префрлаше надлежноста на негови колеги од Неготино, но кога му појаснивме дека всушност коњите не се наоѓаат на подрачје кое спаѓа под Општина Неготино, туку се пред клучката за Штип и Радовиш, вети дека ќе се преземат мерки за нивно отстранување од патот.
По неколку недели, животните не беа отстранети. Во меѓувреме, тие дури и добија подмладок, а малото ждребе започна и самото да трча на коловозот неколку недели по раѓањето. Кон средината на јули повторно алармиравме во ПС Радовиш дека стадото не е отстрането, по што не упатија да пријавиме во ПС Штип, бидејќи коњите биле во дел кој е под штипската општина. И службеникот во ПС Штип со кого разговаравме телефонски на почеток тврдеше дека тоа не е надлежност на полицијата, туку сопственикот на коњите треба да си ги отстрани од патот, но по подолги разговори, сепак ни кажа дека стадото кое загрозува животи на патот, ќе биде тргнато.
По неколку дена, односно на 20-ти јули се обративме во СВР Штип од каде побаравме информација дали коњите се тргнати од патот, каде се сместени, дали евентуално повторно се вратени кај несовесниот сопственик кој со негрижата за нив ја загрози јавната безбедност, или пак му се одземени, но и со каква казна тој се соочува. Краткиот одговор кој ни го даде Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип беше дека стадото е отстрането, но повеќе детали не се открија.
-Можеме само да ви потврдиме дека коњите се отстранети, а против сопственикот ќе биде поднесен соодветен поднесок. Колку се на број и каде се згрижени, не можеме да откриеме- ни изјави таа. Но, и покрај тврдењето дека се отстранети, коњите сепак уште беа таму. На 13-ти август, ,,Фокус” повторно алармираше дека коњите не се тргнати од патот и се уште слободно се движат по коловозот во тек на ден, но и во тек на ноќ, и објавивме видео од нив направено тој ден.
Останува отворено прашањето дали има надлежна институција во земјава која ќе го тргне ова стадо од среде коловоз, и дали некој ќе сноси одговорност за ова загрозување на животи, за кое со месеци се реагира. Дали конечно после случајот со неготинецот кој за среќа избегна тешки последици и поминал само со материјална штета од околу 200 до 300 евра, некој од надлежните служби ќе се заангажира и ќе ги тргне коњите од патот?
Вики Клинчарова