Откако на саботниот митинг на СДСМ во Неготино, премиерот Зоран Заев вети решавање на проблемот со водата, неготинчани на шега коментираат дека ако тоа навистина се случи, ќе треба да му подигнат споменик во центарот на градот на Тони Делков, кандидатот за градоначалник на Неготино од редовите на СДСМ.
-Деценискиот проблем со водоснабдувањето во Неготино мора да се реши, оти срамота е во дваесетипрвиот век во градот да има повеќе вино, отколку вода, затоа гласајте за нашиот кандидат за градоначалник, Тони Делков – им порача премиерот на неготинчани.
Уште пред многу години, напатени од секојдневните рестрикции на водата за пиење, жителите на Неготино пред камери, но и на социјалните мрежи, неретко потенцираа дека градоначалник што ќе им го реши проблемот заслужува да добие споменик на градскиот плоштад.
Сега, кога пред локалните избори повторно е актуелно прашањето со водоснабдувањето, кое Заев ветува дека ќе биде решено доколку Делков ја добие довербата на граѓаните, неготинчани повторно се навраќаат на ветувањето за споменикот.
-Ја знам приказната за ветениот споменик, но искрено, нема потреба од такво нешто. Јас им ветувам на моите неготинчани дека вода ќе добијат и ќе сторам се што е во моја можност чешмите да протечат без застој. Да се разговара за вакви теми во денешно време, искрено е срамота. Мојот град мора да оди напред, во чекор со модерниот свет, и доколку ја добијам довербата на граѓаните, гарантирам решавање на овој проблем, кој е приоритет. Споменици во Македонија имаме и повеќе од потребното, ние во Неготино сакаме вода – вели Делков, кој ќе ги измери силите со кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Златко Пенков.
Досега, сите градоначалници кои седнале во фотељата во Неготино, ветуваа крај на рестрикциите на водата. Ванчо Апостолов, актуелниот градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ, дури и свечено фрли лопата на поставувањето на уредите за хидраулично регулирање на притисокот на водата за пиење, проект кој чинеше 20.000.000 денари, обезбедени од буџетот на Општина Неготино, уште пред околу три години. Изведувач на проектот беше фирмата ИМГД од Самобор, Хрватска.
Тогаш, Апостолов се пофали дека со реализација на проектот, рестрикциите на водата заминуваат во историјата. Сепак, и по повеќе години од ветувањето, граѓаните сеуште трпат секојдневни неколку часовни и целовечерни рестрикции на водата за пиење.
Вики Клинчарова