Неготинчани револтирани од градоначалникот: Делков, не сме вмровци ако не сакаме депонија во нашиот град!

by fokus

Изминатиот период, откако жителите на Општина Неготино дознаа за проектот да се гради депонија за индустриски инертен отпад во нивната околина, не престануваат реакциите и отворените апели да се поништи целиот проект, поради кој се стравува за здравјето, но и штетните последици врз животната средина.

Покрената е иницијатива за референдум на кој жителите ќе се изјаснат по повод депонијата, а во меѓувреме градоначалникот Тони Делков ги изненади своите сограѓани со веста дека се продаваат уште две парцели за кои постоеле заинтересирани купувачи, односно едната парцела веќе била продадена на нов странски инвеститор за индустриска намена.

-Општина Неготино продажбата на градежното земјиште ја гледа единствено како можност за економски развој на градот и можност за нови работни места! – порача во видео порака Делков, потенцирајќи во повеќе наврати дека проектот продажба на државно земјиште со цел да се користи како депонија за индустриски инертен, и како што вели, неопасен отпад, е тема со која ВМРО ДПМНЕ се обидува да манипулира со граѓаните и да создава паника.

Според него, индустриски инертниот отпад кој ќе се депонира на депонијата не е опасен, и повторно, како и во видео обраќањето од минатата недела, појаснуваше дека истата локација која сега е тема на продажба, била изнајмена со цел да се користи како депонија, во времето кога на власт беше ВМРО ДПМНЕ.

✅ МОЈА ГЛАВНА ЦЕЛ Е ПОДОБАР ЖИВОТ НА ГРАЃАНИТЕ НА ОПШТИНА НЕГОТИНО

Како градоначалник на општина Неготино моја примарна цел е да им служам на моите сограѓани. Секојдневно го слушам гласот на народот. Сакам денес да ви повторам дека никогаш нема да донесам одлука која е спротивно моите верувања и мојата главна цел – обезбедување на подобар живот на граѓаните на општина Неготино ❗️

Publiée par Тони Делков sur Jeudi 12 décembre 2019

Под линкот со видеото загрижените граѓани му порачаа дека не секој кој што е против депонијата е поддржувач на ВМРО ДПМНЕ, и побараа од него да каже стоп за депонијата.

-Со поддршката на депонијата ја продолжувате гранката на ВМРО, бидете со народот и пресечете ја нивната гранка – коментираат неготинчани на неговата официјална страница.

-Не не интересираат ниту СДСМ ниту ВМРО во случајов, туку здравјето на граѓаните. Вие ја донесовте одлуката за продажбата на депонијата и вие можете да ја спречите оваа агонија! – е само една од објавите на темава на групата Спас за Неготино.

На социјалните мрежи не може да се наиде на коментар кој што ја поддржува изградбата на депонијата, и покрај тоа што Делков е глув за апелите на народот и уверува дека нема потреба за загриженост.

Неготинчани бараат одговори и околу тоа кому му е продадена уште една парцела и што ќе се гради на истата, како и за која намена се продава другата парцела чија продажба тој ја најави во видеото.

Во вторникот за само неколку часа беа собрани потребните потписи од граѓаните за поднесување на иницијатива за референдум против изградбата на депонија. Иницијативата ја поднесе здружението на граѓани Ековита. Околу собраните потписи, односно дали иницијативата е уредна, треба да се изјасни Советот на општината. Ако се изјасни дека се е уредно, треба да се соберат околу 3.200 потписи од граѓаните, како иницијатива за распишување на референдум против изградбата на депонијата. Со собрани потписи, Советот одлучува за распишувањето на референдумот.

Голем број на граѓани реагираат дека за депонијата случајно дознале и не се доволно информирани. Повозрасните појаснуваат дека не секој користи интернет и социјални мрежи, каде и можат да се најдат повеќето детали за целата ситуација во градот.

-За вакво прашање, не може градоначалникот сам да одлучува, без јавни дебати. Не може да распродава државно земјиште без да го слушне гласот на народот. Тој ќе биде градоначалник уште некое време, но депонијата останува за идните генерации – коментираат граѓаните.

Вики Клинчарова

Поврзани новости