Маж на возраст од 38 години е новиот регистриран случај на корона вирус од Неготино – информираат од Министерството за здравство.
По две недели, откако од Ковид – 19 се излекуваа единствените заболени во градот, повозрасен брачен пар, вирусот повторно дојде во Неготино. Според Центар за јавно здравје Кавадарци, се работи за лице вработено во Граничната полиција, а моментално се прави анкета на луѓето со кои инфицираниот имал блиски контакти.
-Заболениот е роден 1982 година и моментално неговата здравствена состојба е добра. Останува да се следи во домашни услови. Тој патувал со исто возило на работа со лице кое е веќе позитивно на вирусот, наша претпоставка е дека од таму се инфицирал. Во овој момент ги правиме анкетите, заболениот имал многу контакти, сите тие лица ќе бидат изолирани, подоцна ќе се знае нивниот број – изјавија за ,,Фокус” надлежните од центарот.
Бројот на заразени во земјава достигна 1.921 лице, од кои 422 случаи се активни. Досега починаа 112 лица. Се апелира на почитување на мерките од страна на граѓаните, на задолжително носење на заштитни маски во сите јавни простории, на отворено каде не може да се држи дистанца од два метри, како и забрана за групирање на повеќе од две лица.
Од почетокот на мај, поради не носење на маска во Неготино се казнети само четири лица, додека пак за групирање на повеќе од две лица не е изречена ниту една казна.
Вики Клинчарова