Министерството за правда под притисок на јавноста го тргна од текстот на законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета делот којшто предвидуваше да може да се суди за негативно мислење, но во новиот предлог текст остана да може да се суди за омаловажувачко или понижувачко мислење коешто во членот е дообајснето.
Фокус ги побара измените коишто ги направило Министерството за правда и кои владата ги усвои и ги доставило како нов предлог текст во Собрание.
-Предлог текстот на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, што беше предмет на реакции од јавноста, во членот 6 став 1 стоеше: За навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување или на дру начин ќе изрази омаловажувачко понижувачко или негативно мислење.
Овој предлог текст на Законот е повлечен од собрнаниска процедура и Владата достави нов предлог текст. Сега во членот 6 став 1 се вели: За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг со утврден или очевиден идентитет омаловажувачко или понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед, објаснуваат од Министерството за правда за Фокус.
Во колумна за неделникот Фокус, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковкски пишува дека со овие измени буквално пред суд се доведува за мислење.
-Првичната верзија на текстот од министерството на Тупанчевски имаше вградено формула да се суди за „негативно мислење“. Да, под притисок на јавноста, владата вели ќе биде амандмански интервенирано. Но, како? Со замена на „Негативно мислење“ со „омаловажувачко и понижувачко мислење“! Одговорот од Правда е безмалку смешен. Видете, освен што се синоними „омаловажувачко“ и „понижувачко“, сепак, тука имаат само улога на придавка. Објектот за кој може да се заврши на суд е МИСЛЕЊЕ! Ќе се суди за мислење, за изразување на мислење!, пишува Стоилковски во колумната.
Целта на подготовката на овој закон беше драстично да се намалат казните за новинарите и уредниците за навреда и клевета.
Според актуелниот закон, новинар можеше да биде казнет за навреда и клевета со максимум 2 000 евра, 10 000 за уредникот и 15 000 за правното лице.
Со новите измени се предвидува судот да да не може да досуди поголема сума од 400 евра за новинар и 2000 евра за уредник, а медиумот не повеќе од 5.000 евра.
Ф.Ф.С.