Нега и рехабилитација за 38 деца со попреченост во новиот Дневен центар во Липково

by fokus

Во новоизградениот специјализиран Дневен центар во село Оризаре, 38 деца со интелектуална попреченост од 2 до 14-годишна возраст од општината Липково ќе бидат подготвувани за соодветно вклопување во редовниот образовен систем. Подготовката ќе ја врши стручен тим составен од рехабилитатор и едукатор, логопед, психолог, социјален работник и физиотерапевт.

Министерството за труд и социјална политика информира дека целта на предвидената индивидуална, групна и окупациска терапија на децата со попреченост е тие од најрана возраст да стекнат и да развиваат вештини за секојдневниот живот.

-Децата ќе ги учат навиките за исхрана, хигиена и за одржување на сопственото здравје, но ќе стекнуваат и воспитни, социјални, културни и рекреативни активности. Во Центарот ќе бидат организирани и советувања и работилници за помош на родителите на овие деца, соопшти МТСП.

Според министерката Јагода Шахпаска, преку Дневниот центар и најмалите реално ќе ги почувствуваат социјалните реформи што ги презема Владата.

– Целта на социјалната реформа е да се приближат социјалните услуги до корисниците, до граѓаните. Да се зголеми опфатот на граѓаните кои влегуваат во системот на социјална заштита, да се подобри квалитетот на социјалните услуги, а со тоа да се подобри и нивниот живот. Дополнително да се намали невработеноста и да се подобри животниот стандард на сите граѓани, рече министерката Шахпаска.

Како што соопшти МТСП, Шахпаска изрази задоволство што Општина Липково добива нов Дневен центар за деца со попреченост со капацитет за 38 на возраст од 2 до 14 години и нагласи дека суштината на ваквите реформи е да се поддржат ранливите категории, во овој случај – децата со попреченост.

Таа денеска на претставници на здружението „Имаго плус“ им ја предаде дозволата за вршење дејност од социјална заштита за услугата нега на деца со попреченост.

Поврзани новости