Нефрологот Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ најверојатно ќе биде директор, доколку се спои Клиничкиот центар

Како што дознава „Фокус“, координатор за спојување на скопските клиники е поранешниот ректор на УКИМ и абдоменален хирург Никола Јанкуловски.

by Fokus

Во 2006 година, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, кои имаат 56 директори и 142 члена на управните одбори. До тоа дојде, откако „вмровците“ инспирирани од менаџирањето на банките, одлучија истиот систем да го применат во јавното здравство, така што болниците добија по двајца директори, еден стручен и еден економски директор.

Според системот на врзани потписи, тие требаше да направат ефикасни реформи во здравството, а во исто време да ја зголемат контролата на работењето. Со текот на времето, проектот во јавните здравствени установи пропадна, а економските директори останаа да управуваат само на скопските клиники. Пред да стапат на функција, за нивните шестмесечни курсеви беа потрошени 200.000 долари.

После цели 18 години и долг на јавните здравствени установи од околу 100 милиони евра, владата на Христијан Мицкоски реши да ги укине економските директори, истиот оној проект кој го воведе неговиот претходник на лидерското столче Никола Груевски.

Актуелниот министер за здравство Арбен Таравари со преземањето на функцијата ги разреши само оние кои немаа менаџерски договори, додека за кратко време во Собрание беа изгласани измените во Законот за здравствена заштита, со што беа разрешени сите организациски директори.

Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ се најде уште еден проект од времето на Груевски, а тоа е повторно спојување на скопскиот Клинички центар, со кој би управувал само еден директор, како што беше пред 2006 година кога бегалецот во Будимпешта одлучи да се подели на 32 скопски клиники.

Оваа тема стана доста актуелна во последниот период со оглед на тоа што министерот Таравари веќе во неколку наврати ја наметнува. Според логика на нештата, ако реално дојде до спојување на Клиничкиот центар, тоа би се случило за неколку месеци.

Според Таравари, досега е направена јасна анализа колку пари чиниле старо-новите советници кои претходно биле економски директори.

-Еден директор приближно примал плата околу 1 500 евра, па пресметајте. Но, наскоро ќе има еден директор на цел Клинички центар и неколку болници ќе се спојат со здравствени домови.

 

Мислам дека сумата е значајна и со тие пари место да ги добива некој што може да биде одговорен во администрација на Клиниката, да не биде директор, би плаќале повеќе инвестиции во здравството, нови апарати, нови згради, реновирање клиники и јавни здравствени институции,… Целта беше таа, не е од сега таа цел. И во 2017 година кога бев министер за здравство разрешив сигурно околу 30 директори, останаа уште 10 – 15 неразрешени – истакна Таравари.

„Фокус“ на оваа тема пишува со години, па дури уште пред седум, осум години објавивме дека платите на економските директори се околу 1.500 евра, што значи дека само за една година од буџетот во здравството за нивните плати се одлеваат повеќе од 1,5 милион евра.

Ќе се укинуваат економските директори на скопските клиники што речиси 11 години земаат по 1.500 евра плата

Цели 18 години никој не ги чепка економските директори, болниците со вртоглави долгови од околу 100 милиони евра

 

(АРХИВА) На чело со економски директори, болниците дотуркаа до долгови од 100 милиони евра!

Сепак, тоа што е уште една актуелна тема во лекарската фела е – кој ќе биде новиот директор на скопскиот Клинички центар доколку се спои. Во јавноста се вртат неколку имиња, а меѓу нив се споменува и името на нефрологот Игор Николов, кој е претседател на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што дознава „Фокус“, координатор за спојување на скопските клиники е поранешниот ректор на УКИМ и абдоменален хирург Никола Јанкуловски.

За оваа тема се обративме и до министерот Таравари за да го прашаме дали нефрологот Николов ќе биде директор, доколку дојде до спојување на Клиничкиот центар. Тој кратко одговори:

„Откако ќе се спои Клиничкиот центар ќе олучиме. Има неколку имиња што ми се споменуваат, но треба да избереме вистински авторитет. Имаме време“, истакна министерот за здравство.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

 

 

 

Поврзани новости