Недостигаат уште 4.000 евра за лекување на кочанското семејство Малчеви

by Fokus

Со помош на хуманите граѓани за краток период се собрани околу 8.000 евра за лекување на семејството Малчеви од кочанско Тркање.

Недостигаат уште околу 4.000 евра за 51-годишниот Димче да може да замине на лекување на клиниката „Неуромедик Група“ во Ниш, Србија, но потребни се и дополнителни средства за лекувањето на неговата сопруга, 43-годишната Мирјана, информира штипскиот хуманитарец Александар Ѓорѓиевски.

Како што раскажа Мирјана минатата недела за „Фокус”, имале добар живот со сопругот, кој бил шофер, и двете малолетни деца до пред две години. Тогаш морала да оперира тумор на мозок, од кој и денес имала последици, а ја чекала уште една интервенција, бидејќи и се случиле постоперативни компликации.

Пред 16 месеци пак, нејзиниот сопруг кој заработувал за семејството, доживеал мозочен удар.

Од тој момент тој останал во постела, и Малчеви живееле со околу 14.000 денари месечно, од кои 10.000 кои Димче ги добивал како боледување, и околу 4.000 денари нега.

Нивните деца биле на возраст од 13 и 17 години, и семејството моли за помош од хуманите граѓани, за да може да си дозволи лекување во кое го гледа единствениот излез.

Граѓаните кои сакаат да помогнат можат да донираат на сметката на Мирјана Малчева -200002663191834, Стопанска банка, и на телефоните за донации на Телеком 143 – 183 и А1 -143 465.

Вики Клинчарова

Поврзани новости