Незавршените објекти во кампусот на УКИМ, каде треба да бидат сместени Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Факултетот за физичко образование и спорт, познати како ФИНКИ и ДИФ, нема да бидат завршени во скоро време.
Премиерот Христијан Мицкоски, во вчерашното гостување на МРТВ, рече дека прво треба да се направат измени во Законот за градење, со цел да се продолжи важноста на градежната дозвола за двата објекти која истекува следната 2025 година, по што треба да се распише тендер и да се избере изведувач кој ќе ги догради објектите.
–Тоа што фирмата е банкротирана е субјективен проблем, но објективниот проблем е што дозволата согласно Законот за градење истекува, невозможно е до крајот на годината или до крајот на 2025 година, не ме фаќајте точно за збор, да бидат изградени. Бидејќи е така, потребни се законски измени… – рече Мицкоски.
Воедно, тој додаде дека истото треба да се направи и за недовршената зграда на Народната банка, како и за многу други недоградени објекти од проектот „Скопје 2014“, кои треба да добијат фасади, со тоа што премиерот посочи дека тие не мора да бидат барокни, туку може да бидат и модерни.
-Сакам да кажам дека мора да интервенираме во Законот за градење најпрво да може да се зголеми важноста на дозволата за градење, па потоа да се распише нов тендер, да се избере нов економски оператор кој ќе ги заврши овие два проекти (ФИНКИ и ДИФ) – истакна Мицкоски.
Додека тој најавува дека овие законски измени ќе се најдат во собраниска процедура до крајот на оваа 2024 година, министерката за образование Весна Јаневска јасно предочува дека објектите на ФИНКИ и ДИФ нема да бидат готови во догледно време. Како што изјави таа, до крајот на нејзиниот мандат ќе продолжи градбата на двете згради.
–Во моментов правиме сериозни анализи и имаме задолжено човек од Министерството што ја прибира целокупната документација, прави анализи, стручни екипи излезени се неколку пати на терен да видат што се случува физички во двете згради.
Овој процес, како што ми велат стручните служби, нема да биде релативно брзо завршен. Таму има проблеми што не зависат во моментов од Министерството. Една фирма банкротирала, па ја нема, па на надзорот му завршил договорот, па тие треба да се продолжуваат – рече Јаневска.
Инаку, неделникот „Фокус“ неодамна пишуваше за двата незавршени факултети. Коренот на проблемот може да се лоцира во тендерската постапка пред нецела деценија, кога, во конкуренција на десетина фирми, изборот падна врз изведувач кој немал најниска понуда, поради што беа испорачани и низа обвинувања.
Станува збор за „АД Бетон Штип“, кој во 2019 година падна во стечај, па ги остави објектите во фаза на карабина. Меѓутоа, според податоците што ги обезбедивме, дотогаш успеал да инкасира околу 3 милиони евра, а преку судски процеси против МОН наплатил дополнителни средства.
Имено, „Бетон Штип“ во 2015 година склучи договори со Министерството за образование и наука за изградба нови објекти во кампусот на УКИМ, каде требаше да бидат сместени факултетите за комјутерски науки и физичко образование, во вредност од нецели 20 милиони евра, што е за 3,7 милиони евра повеќе од проценетата вредност на набавката.
Притоа, „Бетон Штип“ ја доби оваа зделка, победувајќи конкуренција од десетина компании, меѓу кои и „Едилха“ во косопственост на експремиерот Љубчо Георгиевски, чија ВМРО-НП реагираше дека тендерот е незаконски.
Сепак, компанијата на Камчеви, Панделески и партнерите, кои беа обвинети во предметот „Империја“ и признаа вина, ја доби зделката и ги изгради објектите до фаза на карабина, за што во периодот од 2016 до 2019 година инкасирала околу 3 милиони евра.
Всушност, градењето престанува кога друштвото паѓа во стечај, кој завршува со план за реорганизација и формирање на нов истоимен субјект. Во меѓувреме, компанијата покренува и добива судски постапки против МОН за задржан, а невратен депозит. Во меѓувреме, МОН не успеа да ги догради започнатите објекти, иако сите министри го ветуваа спротивното.
Влатко Стојановски