Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков го оцени вчерашниот протест на дел од членството како обид да се ослабат позициите на синдикатот.
Просветните работници кои вчера се собраа на протест пред седиштето на СОНК, според Неделков, се најверојатно изманипулирани или неинформирани.
– Вакви неидентификувани собирања каде не знаеме кој е организатор, ниту која е целта, не води кон ништо и веројатно тоа е добар обид за ослабување на позициите на СОНК, разбивање на единството на СОНК, кое на крајот на денот ќе биде желба за секој којшто му пречи СОНК да биде единствениот и најсилен синдикат во државата. Од тука треба да се почне – која е целта на ваквите жестоки реакции, рече Неделков на денешната прес-конференција.
Тој најави дека ваквите собирања нема да го поколебаат да работи според закон и да се залага за правата на работниците.
– Досега сме имале многу штрајкови и секогаш сме излегувале со резултати, меѓутоа вакво т.н. спонтано собирање на двапати не личи на просветни работници. Јас на секому ќе му се извинам ако го навредам, меѓутоа ваквото однесување не води кон ништо. Секој нека биде свесен дека мене нема да ме поколеба да работам согласно закон, да градам партнерски однос и да се залагам за правата на работниците, рече Неделков.