Неделков: Извесно е дека и утре ќе има штрајк

by fokus

До вој момент нема договор со ресорните министри. Очекуваме потврда за работна средба во текот на попладневните часови, има таков сигнал дека попладне ќе се сретнеме во Владата. Меѓутоа, и доколку има средба, мали се изгледите дека може вечерва нешто да се случи за носење нова одлука и сѐ поизгледно е дека и утре продолжува штрајкот, изјави на прес-конференција Јаким Неделков, претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) кој од 11 април организира генерален штрајк за повисоки плати на вработените во училиштата и градинките.

-Се надевам дека вечер ќе имаме добри резултати. Во секој случај, доколку немаме договор или продолжи процедурата на изјаснување на членството во однос на понудата што ќе ни ја дадат од Владата, јавноста ќе биде информирана и тоа би значело дека, најверојатно, и утрешниот ден ќе биде под знакот на штрајкот. До вечер сигурно ќе имате информација…Нашето очекување е во интерес на учениците, во интерес на децата во градинките, во интерес на родителите, во интерес на колегите коишто штрајкуваа, во интерес на Република Македонија. Владата да смогне сили и изнајде начин и средства, да ги договорат побарувањата коишто СОНК ги има доставено во однос на усогласување на платите во дејностите што ги застапува – зголемување на минималната плата на национално ниво, продолжување на преговорите за потпишување колективни градинки во градинките и во основното и средното образование и секако, договор за динамика за пораст на платите во овие дејности за 2023 и 2024 година. Кога зборувам за овие дејности, не смееме да ги заборавиме дејностите високо образование и наука, како и ученички и студентски домови, рече лидерот на СОНК.

На прашањето кој би бил за нив прифатлив предлог, откако СОНК ја одби понудата на Владата за зголемување на платите од 10 отсто, Неделков одговори дека како што и досега истакнувале, „секој предлог којшто ќе биде понуден од Владата ќе оди на експресна расправа во членството“.

-И изјаснувањето на членството ќе биде пресудно за нас, дали ќе биде прифатена понудата или не. Така што, кој и да е предлог, не зависи од луѓето коишто се овде седнати, туку зависи од оние коишто го иницирале штрајкот и тие треба да донесат практично и одлука за да се повлече штрајкот, рече Неделков.

Поддршка на штрајкот на СОНК му даде и директорката на Европската конфедерација на Синдикатот за образование, Сузан Клокен која на прес-конференцијата рече дека имаат 127 организации членови и дека СОНК е важен член. Истакна дека го претставуваат гласот на околу 11 милиони наставници во Европа и дека е дојдена да ја искаже солидарноста за СОНК и неговите барања за повисок стандард и плати за наставниците, посочувајќи ја и улогата на наставниците во обезбедувањето пристап до образование во време на пандемија.

-Тие ја заслужуваат нашата почит, заслужуваат подобро отколку само зборови. Образованието е повеќе од само образование , тоа е подготовка на идните генерации и наставниците. Квалитетно образование е темел на целото општеството. Стоиме до колегите наставници овде во борбата за нивните права, рече Клокен, додавајќи дека ќе има средба и со министерот за образование за јасно да ги поддржи барањата на СОНК.

Поврзани новости