Оценската мисија се состои од искусни судии кои што се на високи позиции од земјите на ЕУ, кои што го разгледуваат рaботењето на Судскиот совет, за да дадат препораки за подобрување на неговата професионаланост, независност и ефикасност, рече денеска евроамбасадорот во Македонија Дејвид Гир.
Тој рече дека мисијата ќе заврши неделава и судиите потоа ќе се вратат во Брисел и за своите наоди ќе дискутираат со Комисијата.
-Не можам да ви кажам точен датум кога препораките ќе излезат во јавност, но сите ја разбираат потребата ваквите препораки да се дадат брзо, дополни Гир.
Оценската мисија почна од крајот на јули. Тимот експерти е предводен од Бранко Хрватин – поранешен претседател на Врховниот суд на Хрватска и го идентификува обемот на работата на експертскиот тим.
Случувањата во Судскиот совет во последните месеци се тема на загриженост и од меѓународни и од домашни институции.
За помалку од пет месеци, две претседателки на Судскиот совет беа сменети, што предизвика сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија. И двете обвинија дека причина за нивната смена е политички интерес.