Небиу: Блиски роднини на Сашо Мијалков им се заканувале на купувачи заинтересирани за конфискуваните станови на Водно

by Fokus

Блиски роднини на екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков им се заканувале на заинтересираните купувачи за конфискуваните станови на Водно, изјави во Топ тема на тв Телма вечерва директорот на Агенцијата за управување со одземен имот – Дритон Небиу.

„Во истиот ден кога секој пријавен можеше да оди и да види што има во становите, односно каков е станот и во каква состојба е, оделе група луѓе заедно со најтесниот круг на фамилијата на господинот Сашо Мијалков, им кажувале дека не можат да ги купат овие станови, дека не сакаат нови соседи. Што значи дека секој граѓанин би се преиспитал дали да влегува во вакви игри и дали вреди да уплатат, а потоа да имаат приватни проблеми“ – рече Небиу.

Тој повтори дека е парадоксално тоа што има можност синот да го купи конфискуваниот имот од таткото, но дека како Агенцијата за управување со одземен имот постапиле согласно законот.

„И во изјавата пред некој ден кажав дека е парадокс кога од таткото се зема имот, а синот го купува, но ние мора да го почитуваме законот заради тоа што Уставот го гарантира правото да учествува секој граѓанин, вклучувајќи го и најтесниот круг на фамилијата. Согласно сегашниот закон на Агенцијата за управување со недвижен имот, освен вработените во Агенцијата и јас како директор, сите останати имаат право да аплицираат и да купат имот од било кој осуден, не само од Сашо Мијалков“ – рече Небиу.

Поврзани новости