Небензја: Не прифаќаме никакви шеми за замрзнување на конфликтот во Украина

by Fokus

Русија нема да биде задоволна со „никакви шеми“ за замрзнување на конфликтот во Украина, ниту ќе се согласи со улогата на НАТО во решавањето на кризата, изјави постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја.

„Ниту една шема за замрзнување на конфликтот не ѝ одговара на Русија. Врз основа на примерот на договорот од Минск, ние сме целосно убедени дека не може да му се верува на Западот, особено на киевската хунта… Не станува збор за каква било улога на НАТО во решавањето на Украинската криза“, рече Небензја на синоќешниот состанок на Советот за безбедност на ОН.

Според него, условите на Русија за ставање крај на украинската криза се „јасни и логични“, а ниту една „сурогат формула“ нема да ја елиминира заканата за Русија од режимот во Киев, пренесува РИА Новости.

Небензја оцени дека „псевдомировните иницијативи“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски се само „димна завеса“ пред нова ескалација, како што беше случајот со инвазијата на регионот Курск од страна на украинските вооружени сили.

Тој потсети дека украинскиот претседател се уште не го отповикал указот од октомври 2022 година за забрана за преговори со руското раководство.

„Значи, донесете сами заклучоци за искреноста на неговите изјави и повици, не исклучувам дека ова е само димна завеса пред нова ескалација, како што беше веќе во јули и август оваа година пред инвазијата на украинските милитанти и разбојници во Курската област“, ​​рече тој.

Рускиот дипломат, исто така, истакна дека Зеленски го отфрлил предлогот на Унгарија за Божиќен прекин на огнот и размена на повеќе од 600 украински воени затвореници, „покажувајќи ја својата неподготвеност да се придвижи кон мир“.

„Киевскиот режим не е заинтересиран за обичните Украинци кои завршија на фронтот поради принудна мобилизација. Тие се подготвени да разменат само милитанти на националистичките баталјони, како и странски платеници“, посочи Небензја.

Поврзани новости