Владата воопшто не размислува на прогресивни даноци на профит и на ограничување на лихво-банкарството, со цел намалување на класните разлики – напротив, една од ретките даночни реформи што социјал-демократите ја дискутираа, воопшто не беше предвидено да падне на грбот на олигархијата, туку на хонорарците
Пишува: Јован КРАЈЕВСКИ
Неспорно е дека кризата во која се затекна Републиката е несразмерно посериозна од кризата во која се затекнаа нашите соседи на Балканот, како и светот во целост. Справувањето со енергетската криза, својата неуспешност ја должи на низа објективни фактори, меѓу кои и фактот дека една држава, која со децении е потчинета на интересите на Европа, не може во моменти на криза да одржи економија постабилна од оние на европските држави.
Напротив, успешноста со која ЕУ се справува со економската криза често е лимит за успешноста со која ќе се справат сите други држави што претендираат своите интереси да ги остваруваат преку ЕУ. Но, Македонија не е единствената држава што има вакви претензии и следствено не е единствената држава во која гео-политичкото позиционирање поставува вакви спреги на развојот и одржливоста на економијата.
Напротив, разликите меѓу овие држави укажува на фактот дека постојат субјективни фактори што зависат токму од тие што ја имаат политичката власт во свои раце – коалицијата на социјалдемократите и „зелените“ од ДУИ.
Разгледувајќи ги субјективните фактори, можеме да забележиме три столба врз кои се темели неадекватното справување со кризата.
КЛАСНА РАСЛОЕНОСТ
Класната раслоеност во Македонија е алармантно висока. Во моменти на криза, лихво-банкарите се збогатуваа на грбот на граѓаните, кои се притиснати да се задолжуваат за да продолжат да живеат колку-толку нормален живот. За реалноста дека богатството на олигархијата почива на мизеријата на работникот говори фактот дека вкупниот профит на трите најголеми банки, Комерцијална, Стопанска и НЛБ, во првите 6 месеци од 2022 направиле профит од над 70 милиони евра – 18 милиони повеќе од истиот период лани!
Не е само банкарскиот сектор тој што го зема шлагот од тортата. Најпрофитабилните 10 приватни компании имаат вкупен профит над 300 милиони евра, со платите едвај над просечните.
Владата воопшто не размислува на прогресивни даноци на профит и на ограничување на лихво-банкарството со цел намалување на ваквите класни разлики – напротив, една од ретките даночни реформи што социјал-демократите ја дискутираа, воопшто не беше предвидено да падне на грбот на олигархијата, туку на хонорарците!
КРАТКОРОЧНОСТ НА МЕРКИТЕ
Краткорочноста на мерките што се преземаат, најмногу се чувствува во енергетскиот сектор. Ние дури 33 проценти од потребите ги задоволуваме со увоз! Истовремено, целиот Западен Балкан произведува доволно за себе, а Босна и Херцеговина дури има и големо количество за извоз.
Во социјализмот, меѓу 1970 до 1990 година, во Македонија се изградени капацитети за производство на 1.700 мегават часови, а во периодот по осамостојувањето се изградени капацитети за производство на едвај 160 мегават часови.
Три декади, секоја власт без исклучок размислувала само за краткорочни мерки во енергетскиот сектор и немала никаков стратегиски план, ниту волја за суштински развој во полето на енергетиката.
МИЛИТАРИЗАЦИЈА
Милитаризацијата е најнепродуктивниот трошок на Републиката. Лани одвоивме 210 милиони долари за оклопни возила и 100 милиони долари за противракетен систем. Периодов двоиме 66 милиони за некакваси француска противвоздушна одбрана. Тоа се речиси 400 милиони евра за оружје!
Како јаготка на шлагот, од неадекватност е пропагандната ПР стратегија на власта. На инфлација од 20 проценти, тие се фалат со покачување на платите и пензиите од 10 проценти. Секому му е јасно дека овие корекции не се доволни ни да ја покријат инфлацијата, а камоли да бидат сметани за покачувања.
Тоа што најмногу боде во очи е што ваквите столбови врз кои почива политиката на власта воопшто не се својствени за една (нормативно) левичарска влада.
Напротив – класното раслојување, неинвестирањето во државните ресурси и милитаризирањето се класични десничарски политики и токму во тридецениските десни тенденции во Републиката лежи одговорноста за лошото справување со кризата.
(Авторот е член на Президиумот на Левица)